You are currently viewing Семинар во Сараево: “Volunteering connecting communities 2.0”

Семинар во Сараево: “Volunteering connecting communities 2.0”

Волонтерски Центар Скопје учествуваше на крајната десиминација на проектот “VCC – Volunteering connecting communities 2.0″ со 4 претставници, во Сараево, Босна и Херцеговина. Семинарот беше организиран од организацијата “Mladi Volonteri” во периодот од 18-23 февруари годинава при што нашите учесници имаа за можност да учествуваат во крајната цел од проектот, односно да ја претставаат работата што ја имаат направено на локално ниво. Сите учесници имаа за можност да ги претстават активностите кои тие ги имаат организирано како цел на проектот, воедно и претставување на нивната организација. Во продолжение следуваат лични искуства од дел од учесниците за проектот:

„Семинарот “Volunteering 2.0” е еден од подобро организираните семинари на кои сум учествувала. Пред се, македонскиот тим беше одличен, и во мојот случај, го направи ова искуство уште и поубаво. А сега неколку зборови за самиот семинар. Иако траеше пократко, сепак беше успешен. Како интересен момент би издвоила анкетирањето случајни минувачи на улиците во Сараево. На тој начин дојдовме до интересни заклучоци, можеби и неочекувани. Иако потполно се посветивме на задачите, имавме доволно време и да ја запознаеме групата и да ги зајакнеме нашите пријателства.  Моето лично искуство е многу позитивно, а мислам дека и секој учесник би се согласил со мене. Една голема благодарност до организацијата Mladu Volonteri – Visoko, за ова искуство и честитам на успешно завршениот проект“. – Сара Левиќ

„Мобилноста за младински работници организирана од страна на организацијата “Maldi Volonteri” од Visoko, можам да кажам дека беше успешно завршена. Голема благодарност до организацијата што и покрај завршување на сите активности, ни остави можност и за запознавање на градот и градење на работна атмосфера со останатиот дел од учесниците. Динамичноста на активностите кои ни беа за задача и нивната разновидност, го направија проектот интересен за сите учесници за воедно да научиме нешто ново и да уживаме“. – Давид Стоилковски

„Седумте дена поминати во Сараево беа исполнети со разноразни моменти, но како збор кој најчесто се јавува при нивниот опис е дефинитивно именката пријателство. Од поспаните утрински часови па сè до оние вечерните, поминати со гласна музика, пеење и играње, преовладуваше атмосфера во која беше тешко да не се ужива. Шегите кои по себе оставаа насмевки на сечие лице, неславните големи љубови и долгите часови поминати возејќи по автопатите во соседните држави брзо ја пополнија листата со спомени. Списокот за искуства и знаења пак беше надополнет за време на работните сесии. Слушајќи за практиките на останатите невладините организации и анкетирајќи ги локалците дојдовме до решенија и заклучоци кои несомнено ќе ни користат при работата во иднина. Неприметно дојде крајот на уживањата и убавите мигови, но c’est la vie, за утеха барем со мене остануваат селфи фотките и досетките како спомен од мојата прва посета на Босна и Херцеговина“. – Ема Христовска

Давид Стоилковски
Сара Левиќ
Јосип Гегај
Ема Христовска