You are currently viewing ВОИСЕС ноември 2026

ВОИСЕС ноември 2026

  • Post published:

Веројатно има улога и дождливата и ладна есен, која упорно сака да ни навести дека деновите на долгото и безгрижно лето се далеку зад нас, но, сепак, генерално важи оценката дека општеството ни е се помеланхолично и депресивно. И не зборуваме за овдешното, туку во целина, насекаде.

Опкружени со технолошки напредок, научни достигнувања, безгранични можности за комуникација и додека го имаме светот на дланка – тонеме во здодевност и апатија. Никогаш незадоволни со тоа што го имаме, постојано копнеејќи по она што го немаме. Или го имаат другите.

Итајќи секој во своја војна за индивидуална задоволштина, забораваме да погледнеме што има околу нас. Односно, забораваме да ги видиме тие што навистина страдаат. И тоа не од недостиг на луксуз или за нешто ново и поубаво, туку од тоа што останале сами, немоќни, оставени, болни, заборавени… Заборавени од најблиските. Да, боли.

Изминатите недели го поттикнавме хуманиот гест во нас до највисок степен, па им помагавме на нашите пријатели од Љубезност во подготвувањето порции храна, а потоа и во дистрибуцијата до центрите каде што се собираат бездомните лица и оние што не можат да си дозволат пристоен оброк барем еднаш во денот.

На нивните лица ќе забележите умор, разочарување, неволност да се мине уште еден ден, уште една ноќ која носи неизвесност и многу малку надеж дека работите ќе се променат. На подобро. Но, таа не умира никогаш. И токму затоа, кога срамежливо ќе ви речат ‘благодарам’… Е, тогаш сетете се на вашиот живот и на работите што не ве прават доволно среќни, бидејќи сметате дека ви следуваат природно.

И не забаравајте да направите нешто учтиво. Бидејќи: „едно мало дело на учтивост – вредат повеќе од илјадници зборови“. Сослушајте, помогнете и покажете почит.

Горан Адамовски

Преземи ВОИСЕС ноември 2026