You are currently viewing Кажи и Y.E.S. на Литванија

Кажи и Y.E.S. на Литванија

„Проект во Литванија? Во екот на летото? Тоа звучи како одлична авантура!“, е мисла која ми мина низ главата во истиот момент кога дознав за младинската размена на „Еразмус+“ – проектот: “YOU(th) early start – Y.E.S.”. Кога би знаела само колку таа мисла ќе ми придонесе и ќе ме исполни со нови искуства, знаења и пријателства. Сместенa во Анталиепте – мало селце со неверојатни пејзажи, во голем манастир од седумнаесетиот век, имав шанса да учам и да се развивам заедно со други млади од Македонија, Литванија, Шпанија, Словенија, Романија и од Турција. Добив искуство проследено со многу информации, насмевки и незаборавни моменти.

За време на целата еуфорија пред заминувањето за Литванија, речиси секојдневно се соочував со прашањето од моите врсници: „Што ќе правиш во Литванија? Нели е таму многу поладно од овде? Подобро седи си на топлово“. Но, таквите коментари ме правеа уште повозбудена за младинската размена. Самата помисла дека ќе одам толку далеку од моето секојдневие, во држава што многу долго сакав да ја посетам, со цел да придонесам и да ги проширам своите хоризонти – ме исполнуваше.

Но, со сигурност можам да кажам дека Анталиепте не е нешто што се гледа секој ден. Иако е мало место, исполнето е со многу зеленило, езерца, симпатични мостови и величенствена катедрала. Но, не смееме да ја заборавиме карактеристичната балтичка култура (а реално и нивната неодолива кујна) која е толку поразлична од нашата, а толку добро претставена низ Анталиепте. Целокупната естетика на местото придонесува до многу пријатна атмосфера која не може секаде да се почувствува и доживее.

Проектот „Y.E.S.“ беше во организација на Generation Echo и негова срцевина беше темата на младинска невработеност. Тоа е растечки проблем во многу држави, кој има сложени корени и штетни последици врз младината, како што се економската нестабилност и, според мене најголемото проклетство, загубата на пасијата и љубовта кон работата. Овој проект имаше иницијална цел да ни помогне да ја спречиме невработеноста кај младите во нашата држава и полесно да ја избереме нашата идна професија, но покрај тоа што целосно ја исполни оваа цел, успеа да ни помогне и да не поучи за многу други работи и прерасна во уште побуен извор на искуства. Со денови работевме сите заедно, во групи од мешани националности, преку кои вежбавме да бидеме тимски играчи и ја усовршувавме способноста да работиме со различни луѓе и под различни услови. За многу кусо разбравме дека за да има ефикасна работа, треба добро да се познаваш себеси и да вложиш труд за добро да го запознаеш другиот. Со таа цел, имавме многубројни можности да се запознаеме самите себеси, да ги најдеме најдобрите начини како да се организираме и контролираме и најефикасните средства за лично да се надградиме и да помогнеме. Додека се надградувавме себеси, најдовме и заеднички јазик со групата, работевме да ја подобриме нашата комуникација и организација како тим и да најдеме начин заедно да ги решиме сите проблеми. Во секој момент се трудевме секој да биде слушнат, и уште поважно, разбран и ценет. Нешто што сметам дека многу помогна, освен целото време поминато заедно, беа интеркултурните вечери кои ги одржувавме за секоја држава. Преку нив, успевавме да дознаеме многу повеќе за секоја посебна култура, да се насмееме на некоја приказна или брзозборка, да испробаме некој интересен танц и да вкусиме нешто ново и поразлично. А кога активностите веќе беа завршени и ѕвездите беа излезени над чистото балтичко небо, останувавме уште со часови, дружејќи се и креирајќи незаборавни спомени. По девет дена откривање нови видици и заеднички раст, збогувањето беше придружено со многу прегратки, убави зборови и по неколку солзи.

По слетувањето во Скопје и збогувањето со македонската група, имав време да се рефлектирам на се што искусив и научив, и разбрав дека овој проект многу придонесе на мојот личен раст. Сега се чувствувам како многу повеќе да се разбирам себеси и полесно можам да определам што сакам и како да постапам. Освен тоа, почнав и подобро да ја разбирам средината, нејзините проблеми, потреби и потенцијални решенија. Сметам дека сега можам да искористам уште поголем дел од мене за да помогнам и да ги споделам сите здобиени информации на останатите тинејџери што се чувствуваат изгубено или нечуено. Доколку се двоумите за вакво незаборавно искуство поради големата промена (сериозно, таму беше половина од температурата што ние ја имавме во истиот период во Македонија) само ќе кажам дека нема од што да се плашите, бидејќи знаењето, вештините и спомените од тоа се буквално БЕЗВРЕМЕНСКИ.

Дела Додевска
– претставник на ВЦС на проектот „Y.E.S.“ во Литванија