You are currently viewing Еден чекор назад, два чекори напред

Еден чекор назад, два чекори напред

Ви ја пишувам мојата воведна мисла, затворена во рамка од тримесечен престој во Сплит, Хрватска. Можев се да се најдам во дијаметрално спротивна култура, нешто драстично различно од културата во која ги поставив моите темели на личноста. Но, зошто го избрав сличното, а не различното? Во мене постои идеја дека нешто што може да се менува е формата на општеството, додека природата е онаа константа. Каде ние како човечки суштества свесно ја елиминираме нејзината фундаменталност, незабележливо придизвикувајќи реакција кон сопствена деградација.

Си ја овозможив оваа ексклузивна шанса да волонтирам за природата, преку програмата на Европски Солидарен Корпус на проект насловен: “Environmental education and awareness raising activities“ во здружение SUNCE за природа, околина и одржлив развој. За да биде јасно поентирана мојата цел, морам да наведам дека моето формално образование се базира врз изучување на архитектурата. Акумулирајќи ги сите аспекти што ја творат оваа градежна уметност, во создавење на личната идеја, ми недостигаше делот на согледување на потребата на природата од архитектура. Бидејќи сум во процес на пишување на мојата магистерска теза, ваквиот пристап на неформална едукација ќе ми допринесе кон оформување на моите субјективни поимање, погледи, перспективи.

Ја будам мојата свесност, го оформувам мојот етички кодекс за природата, работам на идејата да си ги втемелам сопствените убедувања, за во следниот чекор да ги афирмирам, со една единствена цел, да се ја пренесам мојата мисла, да се разбере индивидуалноста како посилна точка од кружницата на едно општество.

Нов поим внесен трајно во мојата меморија е ПЕРМАКУЛТУРА, кованица од перманентна агрикултура, принцип заснован на самоодржливи земјоделски системи во соодност со природата. Беше тоа проект именуван како Училишна ботаничка градина на медитерјански билки – “Školski botanički vrt mediteranskog bilja“, каде преку 12-те начела на ПЕРМАКУЛТУРА-та, инволвирајќи ги учениците во самите етапни фази на проектот, физички се оформи градината и едукативно се изнесе еден нов хоризонт во пристапот со природата.

Во овој временски процес, добив нови алтернативни насоки за нови еко-навики, се со цел да ја намалам личната зависност од пластиката, а со тоа и јаглеродниот отпечаток. Останувам на линијата на позитивни промени, како самиот дух на местото да ме навлекува на тоа. Нема ништо помоќно од конформација на сопствените убедувања. Сега разбирам колку се битни чекорите наназад, со процес на анализа, се со цел да се вратиме на точката каде сме тргнали во погрешна насока, за да избереме нов правец по претпоставка подобар од предходниот.

Ангела Трајанова