You are currently viewing На проект преку Атлантикот – да, можно е!

На проект преку Атлантикот – да, можно е!

Во оваа статија ќе се обидам да ви доловам како го поминувам времето на краткорочниот проект преку програмата Европскиот солидарен корпус, кој, за среќа, ме донесе на многу необична дестинација преку Атлантикот – мала островска земја на 9000 километри од дома, позната како Аруба. Во исто време, таа, всушност, стана мој нов дом, а сето тоа носи голем културен шок и доживување надвор од зоната на удобност.

Не е многу лесно да оставиш сè зад себе и да одлучиш да заминеш во странство, во земја која многумина не ни знаат дека постои. Но, тогаш, според мое мислење, исто така, не е многу тешко да се прилагодам на тропски остров со многу сонце во текот на годината кога вообичаено е многу студено во мојата родна земја и насекаде во Европа. Барем кога сте слободоумни и подготвени за нови искуства, лесно е да се прилагодите и да се чувствувате колку што е можно повеќе интегрирано во новото општество. Веднаш штом го видов повикот за волонтер во Аруба, бев сигурен дека ќе се пријавам и по долг процес, денес сум овде и ја пишувам оваа статија за „Воисес“.

Помина точно еден месец од моето доаѓање во Аруба, каде што дојдов да волонтирам во локална организација која, меѓу другото, работи и со организирање на младински проекти. Мојата желба и истрајност, решителноста да пробувам нови работи, но и исклучителното искуство на темите поврзани со волонтерскиот проект, ме доведоа до една нова кратка реалност, која засега ги исполнува и ги надминува моите очекувања. За оние кои не знаат, бидејќи многу пати кога луѓето ме прашуваа каде сум, не знаеја каде е Аруба – тоа е остров што е дел од Кралството Холандија, во Карипското Море и само десетици километри од бреговите на Венецуела и Колумбија. Со популација малку поголема од градот во кој имам пораснато, и површина од околу дваесет километри, дневни температури над 30 степени, многу сонце и тропски растенија, Аруба е навистина специфично место како дестинација за волонтирање. По пристигнувањето овде, бев шокиран од тоа колку е ова место влажно и топло, а потоа дојде и вистинскиот културен шок за секојдневниот живот на островот.

Во однос на работата, јас сум логистички асистент, што значи дека моите обврски се главно поврзани со логистичка подготовка за претстојната младинска размена која се фокусира на помагање за зајакнување на локални проекти. Обично работам од канцеларијата на мојата организација домаќин CEDE Aruba, но моите задачи значат и многу движење низ островот и учење нови работи и вештини. Ова, исто така, ми помага да го научам островот многу побрзо и да имам многу интеракција со луѓето овде. Покрај мене, има уште двајца волонтери: за администрација и социјални медиуми.

Она што е интересно за мене е дека сите овде се полиглоти, бидејќи повеќето луѓе зборуваат барем 3 или 4 јазици, што ми даде можност да вежбам и англиски и шпански. Покрај овие јазици, на островот широко се зборува и холандскиот и локалниот јазик папиаменто. Ова искуство доаѓа во мојата празна година по дипломирањето, па ако ме прашувате мене – тоа е совршен тајминг за вакви искуства. Доколку и вие сте заинтересирани да правите ваков волонтерски проект, организациите како што е Волонтерски Центар Скопје со задоволство ќе ви помогнат да имате корист од некои од многуте можности за проекти што се споделуваат на редовна основа.

Мојот заклучок и порака до читателите на магазинот „Воисес“ ќе биде дека светот е полн со можности, затоа зграпчете ги и создадете нова реалност, бидејќи убавите работи се случуваат кога ќе дозволите да се случат, далеку од зоната на удобност, во нови места и со нови луѓе. Можете да изберете помеѓу многу видови на волонтерска работа и многу различни места, но верувајте ми, што и да одберете да правите, и каде и да имате шанса да одите, ќе го сакате ова искуство, бидејќи тоа е она што секој волонтер ќе ви го каже!

Бојан Лазаревски

Бојан е наш волонтер на краткорочен ЕСК-проект во Орањестад, Аруба

Проектен партнер: EU Projects Aruba