You are currently viewing Животот во Анталија: Волонтерско искуство во Турција

Животот во Анталија: Волонтерско искуство во Турција

Одлучив да ја изберам Анталија за моето волонтерство затоа што сакав да доживеам едно поразлично искуство во животот. Турција е позната во светот со нејзината превкусна храна, гостопримливост и прекрасниот туризам. Анталија, пак, е еден од најубавите градови во Турција, и после Истанбул е најпосетената и најпосакувана дестинација.

 Пристигнав кон крајот на мај. Нормално, турската гостоприемливост можеше да се види уште во авионот. Еден час од пристигнувањето во Анталија веќе имав нови пријатели тука, се разбира тоа беа волонтерите, кои се од различни земји. Првите неколку дена бев навистина премногу зафатена со запознавањето со нови пријатели, а тука верувајте ми дека ќе запознаете луѓе од сите делови на светот. Анталија е атрактивно место за младите, но во тоа можете да се уверите само докулку ја посетите.

Секако дека каде и да отидеш имаш очекувања и реалност, истото е и со Анталија. Првото нешто што ми направи голем впечаток е тоа што очекував дека луѓето тука ќе зборуваат многу добро англиски, бидејќи е туристичко место, но на повеќе места се зборува руски јазик. Очекував доцна навечер да нема излегување (мислев дека е опасно), но сосем спротивното, можете слободно да излезете надвор во кое било време, постојано има луѓе како домашни така и туристи, а насекаде во градот можете да ѓи забележите службите за безбедност, па навистина градот е безбеден. Често човек може да си помисли дека Турците се љубезни само на туристичките места, но не е така. Турците се навистина љубезен народ, а кога ќе кажеш дека си странец кон тебе имаат уште поголема почит.

После првата седмица започнаа и моите активности. Нормално колку повеќе време сум тука и работам на своите активности толку повеќе тие стануваат поинтересни за мене. Прво моите активности започнаа во канцеларијата на Лидоск-Lidosk. Кога ми кажаа кои ќе бидат моите активности бев навистина позитивно изненадена. Мојата задача е да правам постери на Инстаграм за мојата организација, а за мене како економист тоа значи еден вид вистинско работно искуство. Други активности со кои се занимавам се поврзани со деца. Станува збор за посета на младински центар каде преку најразлични игри им помагам на децата да научат или да го подобрат англискиот јазик. Исто така, еднаш во седмицата имаме задача да отидеме во риболовен центар, место полно со најразлични видови на риби. Таму времето поминува навистина брзо, понекогаш се занимаваме само со риби, но многу често зборуваме за една од моите омилени теми, а тоа е  екологијата. Даваме најразлични идеи за тоа како може ние младите да се стремиме да бидеме поодговорни за нашата животна средина и за нашата планета. Би сакала нашите идеи скоро да бидат реалност за да можеме да ја заштитиме нашата планета од несаканите климатски промени, кои стануваат се повеќе и повеќе актуелни.

За време на викенд немаме никакви активности, а можам слободно да се пофалам дека за време на викенд не ми останува време за себе. Кога сакам да останам сама со себе тоа го правам во текот на неделата, откако ќе заврашат моите активности. За време на викенд секогаш организираме забави или некј вид на патување со младите што живеат тука. Тука никогаш не си сам, секогаш има некој кој ќе те покани дали да пиете кафе, да отидете на плажа или на некое друго место – едноставно тука сите сме едно големо меѓународено семејство. Во слободното време имаме многу можности да ја запознаеме турската култура и турските традиции и да уживаме во турската храна.

Како дел од нашиот проект се и нашите „Ерасмус+“ средби што ѓи организира Турската Национална Агенција. Моето прво вакво искуство се случи од 26 до 29 јули во Дијарбакир. Навистина станува збор за едно преубаво искуство. Таму успеав да се запознаам со сите волонтери што се наоѓаат на територијата на Република Турција. Реално малку бев разочарана што не сретнав друг волонтер од Македонија. Но, навистина Дијарбакир за мене беше едно навистина преубаво искуство. Повторно успеав да создадам нови пријателства, научив некои нови можности што ни ѓи нуди „Ерасмус+“, бев во сосем ново место за мене, пробав традиционална храна, имав можност да се запознаам со локални луѓе, да го разгледам градот, да доживеам нови авантури и да се откријам себеси уште подлабоко.

Секое „Ерасмус+ доживување ме променува и остава во мене длабок впечаток, но исто така чуствувам дека овие искуства ми помагаат да созреам и да го гледам животот по друг начин: поубав и позитивен.

Магдалена Миленковска

 

Фотограф:

Магдалена Миленковска
Сергеј Артуро Аддисц
Ноелиа Марреро