You are currently viewing Кога младите се главни

Кога младите се главни

Меѓународниот ден на младите – 12 Август го одбележавме со дводневен настан во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Споивме огромна енергија, квалитетни идеи, прогресивни размислувања и одлична програма со работилници, филмови и дружење.

Дождот симболично престана да врне само што започнавме со настанот и им даде шанса на младите да бидат главни. Не само на 12 Август – кога секоја година го прославуваме Меѓународниот ден на младите. И денес и утре и вчера. Секогаш.

Ако им треба малку „ветер во грб“, тогаш се надеваме дека им го дадовме во четвртокот и во петокот изминатата недела. Во два дена споивме огромна енергија, квалитетни идеи, прогресивни размислувања и одлична програма со работилници, филмови и дружење.

Годинешната тема: „Меѓугенерациска солидарност: Создавање свет за сите возрасти“ се надоврза со прогласувањето на 2022 година како Европска година на младите (позелена, поинклузивна и дигитална иднина), па Волонтерски Центар Скопје и „Go Green“ ја препознаа потребата да се прослави Денот на младите на посебен начин, фокусирајќи се на младинското волонтирање и зелениот активизам. Дводневниот „ивент“ во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ги афирмираше младите, и даде простор на заедницата и особено на младите – за идеи, разговори и размислување за создавање подобра и поодржлива иднина за младите. Ги промовираше европските вредности и можностите за користење на програмите „Еразмус+“, „ЕСК“, како и локалното волонтерство и активизам.

Различните „Green Deal“ работилници што се фокусираа на рециклирањето и климатските промени, како и на креативноста и дизајнерското размислување ја нагласија важноста од неформалното образование, кое ВЦС со години им го нуди на младите. Изложбата на фотографии и уметност што беше посветена на зелениот активизам и волонтеризмот ни покажаа дека свеста кај младите е тука, треба малку само да се ослободи.

Посебна атракција беше популарното ‘кино на точак’, со електрична енергија добиена од генераторите преку возење велосипед од страна на присутните. Всушност, целиот настан беше ослободен од јаглерод, а електричната енергија што се користеше за музика, видео и филмска проекција се произведуваа од соларни панели и педали со велосипеди. Дополнително, немаше ниту отпад, бидејќи обезбедивме станица за селекција на отпад.

Ги споменавме музичкиот бенд „Resonance“ и жонглерот Кирил Гочевски? Тие привлекоа еден куп деца што е одлично, зашто веруваме дека уште од најмала возраст го научивме колку е важно да волонтираш и да се грижиш за чистата и здрава животна средина.

Дводневниот настан беше организиран од Волонтерски Центар Скопје и „Go Green“, но со голема поддршка од Општина Кисела Вода, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, како и од ЕУ-делегацијата во Скопје.

И не случајно го одбравме Домот на културата – кино во Кисела Вода да биде домаќин на настанот, затоа што локалната заедница го памети како место каде исчезнуваше интергенерацискиот јаз, а се појавуваше силна енергија и сплотеност преку месни заедници, кино-проекции, претстави, играорни, библиотеката… Веруваме дека со силна посветеност од сите страни и тоа во секој ден од годината, наскоро повторно ќе имаме простор каде идеите ќе стануваат реалност.

Горан Адамовски

Погледнете го финалното видео од настанот!

https://www.youtube.com/watch?fbclid=IwAR1x3UxOVV5EzXtlWN2RWu1PtwTl5E1SDGdW4lgQpeC_n6GiZvfpvknAdjs&v=WuOW2fsVgoA&feature=youtu.be