You are currently viewing Запознајте ја Амбрин од Франција!

Запознајте ја Амбрин од Франција!

  • Post published:

Bonjour tout le monde (Здраво на сите)! Се викам Амбрин, но бидејќи името е тешко за изговор, ги замолувам луѓето да ме викаат Ами. Тоа ми е еден вид официјален прекар, а и лесно можам да се пошегувам: ако некој ме запамети мене, ќе запамети уште еден француски збор – „ami“ на француски значи „пријател“. Како што можеби претпоставивте, јас сум Французинка, имам 31 година и ќе живеам во Скопје во следните 3 месеци. Тука доаѓам на работна размена во еден атрактивен објект („Рагуза 360“) и навистина се радувам за тоа!

Живеењето во странство не ми е прво искуство (а веројатно ни последно) – претходно сум живеела во Литванија, како и во неколку азиски земји: Тајван, Јапонија и во Јужна Кореја.

Во последните години најмногу патував низ Азија. Допломирав преводи од англиски и јапонски јазик, но бидејќи формалното образование не ми овозможи доволно добро владеење на говорниот јапонски, одлучив дека најдобро решение е да живеам таму, да го искусам секојдневието и да ги одржам моите – тогаш прилично слаби – говорни вештини. Сега, иако можеби не го зборувам јазикот течно, сепак можам да водам пријатни разговори на различни теми и на различни нивоа на разбирање – што е одличен успех!

Ги сакам јазиците исто толку колку што ја сакам културата на една земја… а она што најмногу ме воодушевува е културата на исхрана! Моите сетила за вкус се многу љубопитни и секогаш желни да ги пробаат сите локални специјалитети. Единствената пречка се моите алергии на јаткасти плодови; па така, во земја каде што многу вкусни печива можат да се покажат како „убијци под маска“, навистина ми е тешко…

Многу сакам да пешачам (главно низ градот, за да можам да стигнувам од едно до друго место со храна!), а, исто така, уживам во фотографија, уметност, готвење, читање, историја, животни, физичка активност преку разни спортови, како и во запознавање и размена на искуства со луѓе… накратко, сè што е креативно и што ќе ми го привлече вниманието. Бидејќи сум овде релативно кратко (го пишувам ова на мојот втор ден), сè уште немам изградено некој подетален став за Скопје. Сепак, можам да кажам дека луѓето се многу срдечни, македонската храна ја уживам максимално, уличните мачки се опасно приврзани и меки, а пред мене има уште многу работи на кои им се радувам.

Бидејќи не сум сигурна како да го завршам ова – веќе и онака предолго излагање – само сакам да кажам колку сум благодарна што сум овде. Ова е одлична можност за патување, а уште повеќе – за живот во странство. Секако, тоа може да биде навистина застрашувачки, дури и за луѓе како мене кои се навикнати на такво нешто, но ако вашето срце копнее да открие нешто ново, а ви се укаже прилика – не размислувајте премногу, туку зграпчете ја!

Честитки ако стигнавте до овде, и што е најважно – ви благодарам!

Со љубов,
Ами

Амбрин ќе стажира во Рагуза360.

Организација-испраќач: Cercle de Qualité