You are currently viewing Твојата омилена доба е сега
qrf

Твојата омилена доба е сега

  • Post published:

Замислете. Едно декемвриско попладне во 2026 година. Изгледа како доцна вечер, бидејќи во зима во Европа ноќта паѓа побрзо. Надвор е студено, па дома е пријатно и топло. Стефан и неговиот дедо, прегрнати, играат нова видеоигра. Во друг дом, во друго семејство, во истиот тој момент – Сара решава крстозбор со баба си и дедо си. Ева плете со баба си. Целото семејство – деца, родители, баби и дедовци – се натпреваруваат во „Кахут“ (Kahoot) на своите мобилни телефони.

Звучи нереално?

Или, можеби поинакво прашање: звучи забавно?

Во изминативе неколку дена, повеќе од кога било размислував за меѓугенерациското учење. Колку сме далеку од тоа да го спроведеме како што треба, а сепак, колку е тоа остварливо со само малку емпатија.

Волонтерски Центар Скопје го организираше „Меѓугенерацискиот јавен парламент“, кој – покрај тоа што понуди неочекувани решенија за премостување на јазот меѓу генерациите – ни даде и многу материјал за размислување.

Што мислат младите за повозрасните лица, и обратно? Каков е нашиот однос едни кон други? Кои се стереотипите што ја создаваат оваа бариера меѓу генерациите?

Ги поставивме овие прашања и се обидовме да најдеме одговори. Тоа беше искуство што ни ги отвори очите. Еден простор, еден ден и едно време ги споија генерациите – младите и постарите. Првичната цел на настанот беше размена на гледишта, оспорување на стереотипите и откривање што можеме да научиме едни од други. Да истражиме како подобро да комуницираме, да ги надминеме бариерите и да ги претвориме нашите идеи во практични начини за градење посилна заедница. И мислам дека отидовме и чекор понатаму. Сè делуваше „реално“, бидејќи учесниците споделуваа примери од сопствените животи. Младите зборуваа за своите баби и дедовци, осврнувајќи се на односите што ги имаат со нив, но и за другите постари луѓе со кои се среќаваат секојдневно – на улица, во продавници, во автобус. Повозрасните, пак, кои од милост ги нарековме и „млади со искуство“, исто така, ја споделија својата перспектива. Една од работите што постојано се повторуваше беше „поминувањето време на телефоните“; така тие ги доживуваат младите денес – што, за жал, е една тажна вистина. Но, една госпоѓа отворено посака да ѝ се пружи можност да игра игри на мобилен телефон со своите внуци. И тоа е една од многуте пукнатини во бариерата помеѓу младите и постарите лица, која со задоволство ја откривме.

Двете страни зборуваа. Двете слушаа. Се согласуваа или не се согласуваа, но на крајот од денот – се разбраа. Започна меѓугенерациско поврзување.

Но, што всушност значи тоа: „меѓугенерациско“? Вклучување на различни генерации. Но, на каков начин? Токму тоа го истражуваме преку овој настан и преку КА-2 проектот од програмата „Еразмус+“. „Меѓугенерацискиот јавен парламент“ беше дел од проектот „Très Share Generation“ – партнерство од мал обем во областа на младите, кое ги поврзува младите луѓе и постарите лица од Франција, Шпанија и Македонија преку меѓугенерациско и интеркултурно учење. Проектот создава можности учесниците да споделат животни искуства, практични знаења, традиции и вештини преку работилници, активности за мобилност и неформално учење.

Волонтерски центар Скопје беше домаќин на првата мобилност во рамките на овој проект – почетна средба и студиска посета, која се одржа во Скопје од 26 октомври до 1 ноември 2026 година. И инспирирани сме да продолжиме понатаму.

За време на Јавниот парламент, како и во текот на целата почетна средба и студиска посета, вклучувањето на различни генерации се одвиваше и во пракса и во теорија. Покрај тоа што собравме огромен материјал за меѓугенерацискиот прирачник и за идната размена на млади што ја подготвуваме, видовме како тоа се случува и во реалноста. Тоа се случи преку дијалогот, кога младите и оние „млади со искуство“ се соочија едни со други и разговараа. Тоа беше моментот кога повозрасната госпоѓа посака да научи како да игра игри на мобилен телефон. Тоа беше и спонтаната игра „школка“ на улица, веднаш по Јавниот парламент, во која најмладиот учесник имаше 15, а најстариот 58 години.

Емпатија. Разбирање. Комуникација. Почит. Трпение.

Ова се клучните зборови што ги издвоивме од Јавниот парламент. Можеме да градиме врз нив. Тоа беше само добар почеток – и тоа не само за проектот што ќе го развиваме во текот на следните неколку месеци. Тоа беше почеток на дијалогот помеѓу генерациите.

Таа недела научив еден нов збор: „ејџизам“ (ageism). Дали сте слушнале за него претходно? Не сум. Имам слушнато за дискриминација врз основа на пол, раса или религија. Но, постои збор што ја опишува дискриминацијата врз основа на возраста – појава што ги погодува младите, исто толку колку и постарите. Тоа е „ејџизам“ (ageism). И само затоа што овој термин е помалку познат од зборот „расизам“, тоа не значи дека во светот има помалку ејџизам отколку расизам.

Ако мене ме прашувате, дијалогот меѓу генерациите се чини како добар почеток во борбата против ејџизмот. Она што понекогаш ни недостасува е разбирање за „другата страна“. Не ги разбираме помладите. Не ги разбираме постарите.

„Мојата омилена возраст е – сега“, изјави Кирстен Данст кога ја прашаа за стареењето. Да, саканата Мери Џејн на Питер Паркер од филмовите „Спајдермен“ (2002–2007).

Секоја возраст може да ви биде омилена. Секоја возраст е…Добро е. Добро е да се играат игри на мобилен телефон, да се решаваат крстозбори и да се плете. Исто така, тука се и друштвените игри на кои понекогаш пишува „Возраст: од 5 до 100+ години“. И сè друго што ни го нуди светот – можеме да го правиме заедно. Меѓугенерациско искуство.

Евелина Чанска

Срдечни поздрави до партнерите на нашиот проект „Très Share Generation“: „Centre Social des 4 Quartiers“ од Франција и „Asociación Filia“ од Шпанија. Со вас, изразот „годините се само бројка“ добива ново значење.