You are currently viewing Форум-театарот како алатка против социјалната опресија

Форум-театарот како алатка против социјалната опресија

Во периодот од 01.02.2023 до 10.02.2023 година, како претставник на Волонтерски Центар Скопје, учествував на обуката “Let’s break the breaking news” во Сарата-Монтеору во Романија, каде што преку комбинација на различни методи од домените на неформалното образование, театарот на опресираните и критичката теорија, вкупно 34 младински работници од 16 држави имаа можност да се запознаат со концептот на форум-театарот и неговите потенцијали во поглед на поткопување на опресивните социјални структури.

Обуката имаше трипартитна структура, која вклучуваше расветлување на улогата на лажните вести како важна инстанција во продуцирањето на опресивни социјални структури во првиот дел, запознавање со методологијата на форум-театарот во вториот и нејзина имплементација во третиот. Всушност, третиот дел опфаќаше поширок опсег на активности, кои вклучуваа две театарски претстави, четири видеа и креација на промотивен материјал. Оттука, во рамките на самиот курс беа имплементирани повеќе практики што ги поткопуваат различните видови на опресија во нашите општествени заедници и се стремат кон создавање на општество со еднакви можности за сите.

Како продукт на тренингот беа организирани две театарски претстави пред поголема група средношколци и студенти во Бузау, каде што беа конкретно тематизирани две инстанции на насилство и ширење на лажни вести. Првата театарска претстава во која учествував и самиот како актер, илустрираше сексуално насилство  во универзите и ширење на лажни вести поврзани со него. Целта на форум-театарот беше преку интервенции на публиката да се симулира отпор кон опресивните општествени политики, така што ќе се понуди решение, односно ќе се одбегне трагичниот расплет на приказната.

Оттука, овој тренинг курс понуди широк спектар на можности за индивидуално и колективно промислување на нашите позиции во општеството, за преиспитување на рекациите на моќ што ги дефинираат и за изнаоѓање можности што ќе не изведат надвор од кругот на насилство во кој сме заробени. Секако, во таа констелација, медиумите играат особено важна улога, затоа што тие истовремено можат да функционираат и како промотори и како заштитници на одредена категорија субјекти. Фокусот на овој тренинг курс врз таа клучна инстанција во циркулацијата на моќта во социјалните заедници ни овозможи да се стекнеме со вештини за нејзина имплементација во насока на создавање на инклузивни заедници, кои во себе ќе ги интегрираат различните маргинализирани групи.

Во таа перспектива се движеше и самото создавање на нашата интернационална заедница, односно собирањето на сите учесници од различни држави и нивното вклучување во продуцирањето на заеднички дела, преку кои ќе можат да ги споделат своите различни искуства и знаења. Оттаму, овие десет дена ми овозможија да создадам нови пријателства, да се запознаам со нови култури и со нивните практики и по пат на соработка да учествувам во формирањето на заедница која ги споделува заедничките вредности на недискриминација, инклузија и интеграција и борба против насилството.

Имајќи ги предвид сите овие нешта, можам да заклучам дека ова беше преубаво искуство, кое ми овозможи воедно да научам многу нешта од доменот на театарот, филмот и медиумите воопшто, како и да се мотивирам за понатамошно дејствување и во мојата локална заедница и на глобалната сцена кон создавањето на ненасилни, односно простори каде што луѓето со различни културни, родови, сексуални или какви било идентитетски категории, ќе можат да се чувствуваат целосно добредојдени.

Кристијан Стефановски

 

Партнер на проектот: FPT BUZAU