Има поминато веќе еден месец од нашата посета на Брисел, а исто како да беше вчера. Сите убави моменти, новите и старите пријателства кои беа повторно пробудени, нештата кои ги научивме и секако, неизбежните збогувања – сето ова е се уште свежо и вистински драгоцено во нашите срца.
Пред да ви ја раскажам приказната за нашето патување во Брисел, би сакал да ве навратам малку низ времето… Лето. 2021 година. Првото нормално лето после целата пандемија. Па време и беше. Конечно заврши школската година, а летниот распуст само што не беше започнал. Чувствуваш небаре го имаш целото време во светот, а немаш никаква идеја како да го потрошиш. Пример јас голем дел од денот го поминував скролајќи низ социјалните мрежи. Сосема случајно го забележав постот од ВЦС во врска со некој проект (во тој момент, не знаев што значи тоа). Некако се натерав себе си да го отворам линкот, ја прочитав апликацијата и решив сепак да се пријавам. За кратко време откога се пријавив ми стигна мејл. Кога го отворив мејлот не ми се веруваше, ме избрале да бидам дел од проектот. Се почувствував и среќно, а истовремено и ужасно. Бидејќи немав никакво претходно искуство поврзано со волонтирање, и да сакав не можев а да се не чувствувам анкциозно. Но и покрај тоа, собрав храброст и сепак решив дека не се откажувам. Некако се најдов пред канцеларијата на ВЦС, веќе беше доцна за откажување и вознемирен или не, влегов. Таму запознав еден од координаторите кој ме запозна со Волонтерски Центар и со самата таа првична интеракција сфатив дека ништо не било толку страшно како што си замислував. Тој беше еден од многуте пријатели кои што ги запознав во ова ново поглавје од мојот живот. Дознав за Peer Act проектот и неговите цели и едвај чекав да започне. Првиот циклус од проектот беше на Zoom и она што највеќе ме изненади е тоа што уживав во секоја една секунда од часовите. Земајќи во предвид дека ја мразев онлајн наставата од дното на душата, ова стварно беше изненадување. Дискутиравме на мошне значајни општествени теми, нашата улога во општеството и важноста како индивидуи во иницирањето на промените кои што сакаме да ги видиме во светот. Во текот на првата недела на Zoom, стекнавме специфични вештини за организирање на локални работилници со кои ги споделивме нашите искуства и сето она што го научивме со нашите врсници. Морам да кажам дека помина многу подобро него што очекував. Тогаш се уште не се чувствував подготвен и компетентен да раководам со група на учесници, меѓутоа нивната љубопитност многу ми помогна. После сето тоа сфатив дека сум подготвен да вистински се посветам и да “нурнам подлабоко” во една од главните теми на проектот и да се борам за она во кое што верувам, наоѓајќи и други луѓе кои што се подготвени да го направат светот на различностите место за сите нас. Потоа следеше Струга, вториот дел од тренинг-курсот, каде што се стекнавме со знаење за разни методологии и пристапи за тоа како да станеме подобри тренери и како да ги постигнеме нашите цели.
Кончено, време е да се вратиме во Брисел. Крајот на ова лето. Повторно се сретнавме со нашите стари пријатели и драги колеги – младински тренери, спремајќи се за еден последен тренинг од овој проект. Мислам дека не постоеше никаква далечина меѓу нас, како да сме биле пријатели цел живот. Како воопшто да не ја напуштивме Струга. За последен пат, се собравме заедно да станеме подобра верзија од самите себе, со нови знаења и вештини неопходни за исполнување на нашата улога во општеството. Поминавме една недела запознавајќи се подобро себе си, откривајќи ги сопствените предрасуди, сопствените стереотипи, на некој начин застанавме и погледнавме длабоко во себе, нешто што ретко некој да го прави во денешниов зафатен свет. Ја воочивме моќта на посветувањето и трпението и видовме како на крајот секое делче од сложувалката само го наоѓа своето место.
Знам дека можеби сето ова звучеше како крај на една убава приказна, но повеќе сакам да го гледам како почеток на една нова.
“Велат дека во животот ќе запознаеме негде околу осумдесет илјади луѓе. Повеќето од нив на поминување, седејќи до нив во автобус, купувајќи кафе од нив, престигнувајќи ги додека возиме. Некои ќе останат во нашите животи засекогаш, а некои пак ќе бидат збришани од текот на животот. Некои од нив ќе ни станат пријатели, партнери, семејство. Меѓутоа, на сите овие луѓе, сечиј нивен живот ќе го допреме на некој начин, имајќи поголемо влијание него што било кој од нас би можел да си замисли. Начинот на кој што продолжуваме да живееме во другите луѓе, тоа е она што останува..“
Стефан Николовски
EPTO | European Peer Training Organisation