Да, предизвикувачки беше и за нас повторно да се вклучиме во акциите во „живо“ и да се сретнеме со нашите драги пријатели – учениците после двегодишниот „локдаун“. Да излеземе пред деца што се на најчувствителна возраст (13 и 14 години) за да им го претставиме волонтерството, зошто е важно да бидат активни, да ги запознаеме со програмата „Ерасмус+“ и со можностите што Волонтерски Центар Скопје ги нуди за младите и да ги информираме дека многу наскоро во општината ќе има Младински Центар каде ќе можат да ги изразат своите идеи и мислења. На крајот, сите бевме пресреќни: и ние, и учениците и наставниот кадар, секако и претставниците на Општина Кисела Вода, кои беа иницијатори на оваа прекрасна пролетна акција.
Во текот на изминатата недела (3 април – 8 април) сите наши волонтери од различни земји (Франција, Германија, Португалија, Полска, Шпанија, Финска, Турција…) ги посетија 8-те основни училишта во Општина Кисела Вода (ОУ „Невена Георгиева – Дуња “, ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“, ОУ „Кузман Шапкарев“, ОУ „Круме Кепески“, ОУ „Рајко Жинзифов“, ОУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Партение Зографски“) каде е и седиштето на ВЦС. Тие одржуваа работилници со учениците на кои им беа претставени нивните земји, навики, култура, но и преку игри го привлекуваа тимскиот дух меѓу децата.
„Првиот впечаток беше одличен и ги надмина очекувањата, нивото на англискиот јазик што го употребуваа децата беше неверојатен. Додека ги правевме работилниците, можевме точно да увидиме што им се допаѓа повеќе и каде би можеле да се подобриме во следните работилници“, велат нашите волонтери.
Работилниците траеја околу еден час, но понекогаш изгледаа прекратки бидејќи енергијата меѓу студентите и волонтерите беше исклучително висока. Затоа не бевме изненадени што децата ги прашуваа наставниците дали е можно да останат малку повеќе.
Ветивме дека сето ова ќе го повториме многу брзо. До тогаш, сите тие, и ние, сите вие имаме задача да направиме нешто убаво за заедницата и да го направиме ова место подобро за живеење. Се гледаме!
Жозе Родригеш