You are currently viewing (Un)mapped grounds тренинг курс во Словенија

(Un)mapped grounds тренинг курс во Словенија

Николета и Мартина го претставуваа Волонтерски Центар Скопје на проектот: “Unmapped grounds” што се одржа во Словенија од 26 јули до 3 август годинава. Проектот имаше за цел да им обезбеди на учесниците алатка да станат посвесни за состојбата со различните лични димензии во себе и за дефинирање на самите себе и за нивната работа. Учесниците учеа, создаваа и споделуваа нови методи на работа со млади за решавање на различните и тековните потреби на младите и го охрабруваа нивното активно учество.

Во продолжение ги пренесуваме нивните искуства и впечатоци.

Николета: Почнувајќи од локацијата па се до забавните работилници, тренинг курсот во Словенија, без сомнение, е едно од поуникатните искуства во нашиот живот. На овој курс сфативме колку е поразлично и попријатно да впиваш нови информации во природа. Поопуштено, без никаков притисок и џева. Ја истраживме и изнесовме нашата креативност низ низа на многу интересни работилници. Една што ни остави најголем впечаток е работилницата каде што ни оставија списанија, книги, материјали и ние од сето тоа да склопиме една мапа со нашите слаби и јаки страни на персонално и професионално поле. Зајакнавме и научивме многу работи таму. Како да си организиран, точен на време, одговорен. А најважно од се, научивме како е да бидеш во чевлите на еден младински работник. Тоа беше и целта на тренинг курсот.

Мартина: Почнувајќи од патот до таму па целото искуство што го доживеавме во преубавата Словенија е дефинитивно нешто што ќе го памтам. Како две млади девојки се обидовме да ја претставиме Македонија таму користејќи ги нашите знаења и ставови и споделувајќи ги со другите учесници таму од кои исто така можевме да научиме нови работи. Покрај тоа покажавме што Волонтерски Центар Скопје претставува за нас и им ги објаснивме сите бенефити и искуства кои сме ги имале со негова помош. Добивме едно ново видување за младинската работа и се мотивиравме и самите повеќе да се вклучиме во истата, но и да ги мотивираме луѓето околу нас да го направат тоа. Преку разните видови на работилници можевме да направиме една евалуација на себеси на професионален и личен план која се покажа како многу корисна. Најголем впечаток ми остави работилницата во која задача ни беше да направиме план како ќе го пренесеме сето она што сме го научиле и заедно со Николета комплетно се препуштивме на креативноста и добивме преубав производ кој едвај чекаме да го споделиме со младите во нашата средина.