Основната цел на Прирачникот за управување со волонтери во граѓанските организации е да им помогне и да им ја олесни работата со волонтерите на граѓанските организации. Предизвикот со кои се соочени граѓанските организации кои вклучуваат волонтери во своето работење е како на систематски и организиран начин да управуваат со волонтерите за тие да може да го дадат својот максимален придонес во нивната работа и во развојот на нивните локални заедници.
Прирачникот опфаќа неколку главни делови – основните вредности и принципи на волонтерството како и преглед на законската рамка во државата се разработени во првиот дел. Вториот дел опфаќа анализа на видовите на волонтерска работа како и на вредностите, принципите и стандардите за квалитет за работа со волонтери во организацијата. Во третиот дел е даден сеопфатен преглед на циклусот за ефективен волонтерски менаџмент во организациите. Детално и практично се објаснуваат сите чекори на управувањето со волонтерите од испитување на потребите во заедницата и креирање на волонтерската програма, регрутацијата и селекцијата на волонтерите, системот за поддршка на волонтерите за време на нивното волонтирање (ориентација, обука, супервизија, мотивација за продолжување со волонтирање и признавање и препознавање на волонтерската работа) и евалуација на програмата за волонтирање. На крајот, во Прирачникот како прилози се наведени прилози – практични примери за формулари потребни за административно управување со волонтерите кои граѓанските организации може слободно да ги користат.
Прирачникот за управување со волонтери во граѓанските организации е изработен во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, поддржан од Европската Унија, а реализиран од Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со СОС Детско село Северна Македонија, Волонтерски Центар Скопје и Здружението „Женски форум“ – Тетово. Проектот има за цел да ги подобри квалитетот на имплементацијата на младинската политика заснована на структурна соработка и суштинското учество на вмреженото граѓанско општество, со посебен фокус на промоција на волонтерството.