Четворица млади и амбициозни волонтери од Турција деновиве го зголемија нашето семејство. Волонтерски Центар Скопје во следните два месеци ќе им биде домаќин на Денис, Сенем, Енес и на Ерен. Тие ќе работат во магазинот „Воисес“, ќе бидат од помош во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, ќе го следат целиот процес на работа во ВЦС, а секако, ќе имаат време и да ја запознаат Македонија, овдешната култура и обичаи. Во продолжение, прочитајте како самите себеси се опишуваат.
Здраво, јас сум Сенем, имам 21 година и доаѓам од Анталија. Студирам психологија на Кипарскиот Универзитет за здравство и социјални науки. Имам уште два семестри за да дипломирам. Психологијата ја зајакна мојата комуникациска вештина. Сакам да слушам и да разговарам. Ја истражувам детската психологија. Обожувам да играм со деца. Еднаш месечно посетувам Дом за стари лица, им читам и им помагам на немоќните и на изнемоштените штитеници. Сакам животни и природа. Многупати сум била на кампување. Професионално се занимавам со таеквондо и со одбојка. Сакам да танцувам и да слушам музика…
Ова е мој прв волонтерски проект. Сакам да научам што е можно повеќе, да бидам од корист, да помагам. Мојот татко е менаџер за млади и спорт во Анталија. Благодарение на него, научив да поминувам време со млади и стари, деца и возрасни. Тој е многу силна личност, мојот идол и пример во животот.
Сега сум во друга земја, меѓу друга култура. Јадам различна храна, запознавам нови луѓе. За време на проектот, очекувам да го подобрам англискиот јазик, но и многу други вештини. Сите овде се пријателски расположени кон мене и се надевам дека овие два месеци ќе бидат незаборавни.
Мерхабалар! Јас сум Дениз Котанчи, имам 25 години и доаѓам од Карс. Дипломирав англиски јазик и литература на Универзитетот во Орду, а магистрирав на Универзитетот Карабук. Сакам да им помагам на луѓето без ништо да барам за возврат, да учам за нови култури и начини на живот, да допрам до животите на луѓето преку уметноста и литературата. Обожувам да читам, да одам во театар, да пишувам написи, поезија и критики на литературни дела, а потоа да разменувам мислења за нив.
Целиот мој живот се обидував да научам нешто ново и да го откријам животот подалеку од зоната на удобност. Луѓето можат да научат многу повеќе кога одблиску ќе ги доживеат и почувствуваат нештата. Имав шанса да бидам волонтер во организацијата „ЛИДОСК“ во Турција и се чувствував себеси како корисна за светот, природата и за луѓето. Кога учествував во проектите на ЕСК со разна тематика (дискриминација, права на бегалци и заштита на загрозените видови животни), забележав дека е можно да се биде корисен и да им помага не само на луѓето, туку и на животните. И притоа да немаш никакви очекувања.
Можноста да бидам дел од Волонтерски Центар Скопје е одлична шанса да научам нови начини на практикување волонтерска работа. Добив шанса да научам за македонската култура и обичаи, пишување и дизајнирање преку списанието „Воисес“, подобрување на креативноста, младинска работа, размена на идеи и поддршка за локалното население, особено децата.
Здраво! Се викам Енес, имам 29 години. Доаѓам од Анталија, туристичкиот центар на Турција. Благодарејќи на организациите „Lykia Scouting“ и „Nature Sports Club Association“, имав можност да станам младински работник и да ги развијам интересите за социјални теми. Учествував во различни проекти, младински размени и тренинзи. Да се биде волонтер во општеството влијае врз тимската работа, социјалноста, лидерството, себеразвивањето и интеркултурниот дијалог. Ме прави среќен да запознавам различни луѓе и да се обидам да ги разберам.
Секогаш сакав да учествувам во проект на ЕСК, па воопшто не се двоумев кога ми се укажа прилика да дојдам во Македонија. Тука, во Волонтерски Центар Скопје ќе бидам во следните два месеци. Целта ми е да се подобрам себеси, да научам нова култура, да запознаам позитивни луѓе, да снимам интересни видеа поврзани со македонската култура и со тоа да ја промовирам во Турција.
Го одбрав Волонтерски Центар Скопје затоа што сакам да ги дизајнирам страниците во „Воисес“, да фотографирам и да снимам. Благодарејќи на ВЦС, ќе можам да ја откријам Македонија, земјата, културата и луѓето.
Освен тоа, би сакал да го подобрам и мојот англиски јазик и сигурен сум дека ќе успеам во тоа покрај одличниот тим на ВЦС. Тие се навистина прекрасни, пријателски настроени и услужливи. Од нив секогаш добивате почит, па дури и доколку вашиот англиски е далеку од перфектен, а згора на тоа сте и срамежлив. Сеедно, тие ќе ви помогнат да се разберете со фотографии или со гестикулации. Тимот на ВЦС прави да се чувствувам пријатно тука.
Се викам Ерен, имам 20 години. Живеам во Анталија. Студент сум на Универзитетот Билим во Анталија, на Отсекот за внатрешна архитектура. Сакам необични дизајни на куќи и домови. Сакам да учам различни работи преку различни јазици. Мислам дека учењето на друг јазик, освен на мајчиниот јазик, има влијание и врз социјалниот момент на лекцијата.
Кога доаѓам во различна средина, на почетокот изгледам плашливо, но штом се запознаеме станувам исклучително пријателски настроена личност. Сакам да запознавам нови култури и луѓе. Да посетувам различни места и простори, да го гледам дизајнот во нив.
Ова е мој прв волонтерски проект, иако претходно бев во Полска и во Италија преку програмата „Комениус“. Мојата цел во ваквите проекти е да научам различни јазици, како и да им помагам на луѓето. Ме прави среќен пријателството со луѓе од различни националности. Сакам да создадам приказни за раскажување, да учествувам на многу вакви проекти и да патувам на нови дестинации.