You are currently viewing ЕСК-проект во Шпанија: Бесценето животно искуство

ЕСК-проект во Шпанија: Бесценето животно искуство

Мојата авантура започна пред еден месец, кога слетав на аеродромот во Валенсија и не можев ни да замислам какво неверојатно искуство ме очекува.

Да се вратиме на почетокот, како стинав од едно гратче во Западна Македонија моето Тетово, до еден грандиозен град како што е Валенсија, во срцето на Шпанија. Оваа година беше доста напорна за мене, со многу различни музички проекти низ цела Европа. Сепак, нешто недостасуваше, и покрај се’, не се чувствував исполнета. Наеднаш, како од ведро небо, добив повик од едно основно училиште во Алжира, Шпанија, на кое им се допаднало моето CV и ја имав таа чест да ме изберат токму мене, да волонтирам во нивното училиште како учителка по музичко образование. Морам да признаам, застрашувачка беше помислата да заминам сама во непозната држава и да работам нешто со кое што немам никакво искуство, но за прв пат во мојот живот сакав да излезам од комфорт-зоната и да го прифатам ризикот. Следниот чекор беше да дојдам во контакт со Волонтерски Центар Скопје, каде што бев пречекана од прекрасни луѓе кои ми помогнаа и ме водеа низ целиот процес и без нив сето ова не би било возможно.

И конечно пристигна денот кога стасав во Шпанија и мојот проект започна. Уште од првиот чекор бев преплавена со емоции, светот се движеше многу побрзо од тоа на што бев навикната, но во исто време, видов многу насмеани лица и позитивни луѓе, на кои, сепак не им беше проблем да одвојат момент од нивното скапоцено време и да ми помогнат со моите куфери. Уште следниот ден моите активности во училиштето започнаа. На почетокот имаше јазична бариера, бидејќи никој не зборуваше англиски, а во исто време и јас немав голема самодоверба со моето ниво на шпански. Но, со тек на време сето тоа стана многу природно и лесно, јас учам од нив и тие учат од мене.

Нешто што ме воодушевува секој ден се децата со кои што работам: нивната љубопитност, искреност и нивното општо гледиште кон светот, кои ме изменија и мене како личност, ме учат на трпение и на благодарност, нешто што ќе го носам со мене долго после завршување на проектот. Покрај музичките активности во училиштето, имам и многу други проекти кои воопшто не се поврзани со мојата професија, како цртање на мурали, организирање на театарски претстави и снимање на радио програма, Никогаш не би очекувала дека ќе ги правам сите овие работи одеднаш, а и дека истовремено би се чувствувала толку горда и сигурна во себе. До сега мојот распоред е прилично исполнет, но морав да одвојам време за да учествувам и во рекреативни активности вон училиштето, нешто што поради некоја причина, никогаш не го правев додека бев дома. Од сите активности, нешто што највеќе ме исполнува е планинарството. Секој викенд се оранизираме со дел од останатите волонтери и секогаш одиме во различен град за да искачиме некоја планина, и целта е до крај на проектот, да ја прошетаме цела Шпанија.

Имам уште многу нови приказни и искуства, а сепак сум тука само еден месец. Ме чекаат уште осум нови месеци за кои сум сигурна дека до крај, ќе се вратам дома со едно бесценето животно искуство.

Зорица Здравковиќ