You are currently viewing Skopje SOUP – За силна заедница

Skopje SOUP – За силна заедница

Дали ви здодеа да чекате некој друг, воглавно политичарите да ви ги решат проблемите што ве оптоваруваат во секојдневниот живот? И сакате да преземете акција? Притоа, да се воспоставите близок однос со заедницата?

Тогаш, концептот „SOUP“ е идеален за вас. Станува збор за модел што пред неколку години започна да се применува во Детроит, САД, а сега се практикува во речиси 200 града низ светот. Набргу, и Скопје ќе стане дел од оваа мрежа.

За што станува збор? Се организира настан каде сите локалци и тие што се на минување се добредојдени. Се плаќа симболичен надомест (кај нас ќе биде 100 денари) и се доаѓа на вечера. Најмалку двајца, а најмногу четворица говорници (кои претходно ќе бидат одбрани врз основа на избраните апликации по објавениот повик) ќе ги презентираат своите идеи како ќе ја променат заедницата. Секој од говорниците има четири минути за презентација (нема помош од компјутери или прожектори), а потоа следуваат четири прашања од публиката.

По завршувањето, следува гласање при што оној што ќе добие најмногу гласови е победник и ги добива сите пари од влезниците. Додека трае сето тоа, присутните добиваат супа, односно чорба во нашиот случај, но уште поважно: се дружат, се запознаваат, разменуваат идеи и мислења, се добива социјалниот момент што ни недостига.

Волонтерски Центар Скопје ќе го организира „Skopje SOUP“ како дел од КА2-проектот „SOUP sharing” во рамките на програната „Еразмус+“ на Европската комисија. Организатор на проектот е нашиот партнер од Данска – Passion Udflugt.

Интенциите на проектот се да се ​​интегрира концептот на социјално групно финансирање во другите европски градови, да се ​​истражи и да се докаже какви придобивки има заедницата од тоа што има социјално-групно финансирање, да се ​промовира претприемништвото и да се ​​создаде платформа за претприемачите за споделување и развивање идеи.

Наша цел е да создадеме заедница на поддршка, со тоа што луѓето ќе донираат и гласаат за проект кој ќе се финансира. На овој начин финансираниот проект веќе има семе засадено во заедницата и стекнат интерес од можни клиенти/корисници да бидат вклучени во исходот на проектот. Заедницата ќе добие свест за идеите на

локалните претприемачи, а самите претприемачи ќе имаат можност да ја тестираат нивната идеја, да се види дали има пазар за нивниот предлог. Во исто време, ќе бидат водени со предлози како да ја подобрат нивната почетна идеја за да ја направат посоодветна за пазарот. Ќе бидеме домаќини на работилници на различни теми и за претприемачите и за заедницата. Наша цел е да изградиме силна независна заедница која има способност да се потпре на неа.

Ви изгледа доволно примамливо? Можете да се пријавите со својата идеја!

Испратете ни кратка биографија и како ќе ја подобрите својата заедница. Размислувајте за тоа како за ваш сопствен проект, бидете креативни! Пријавите треба да се пополнат на следниот линк: https://forms.gle/VzMoE5dDUvMoWpDq6

Краен рок за пријавување: 05.05.2022 година