Дали сме свесни за значајноста на менталното здравје, и дали можеме евентуално да помогнеме во превенција на самоубиства? Ова беа главните теми и аспекти на Еразмус тренингот што се одржа во Вилканастраи, Литванија. Јас, Цвете и Бојан присуствувавме на проект со големо значење и ги споделуваме некои од клучните точки кои беа дискутирани.
Проектот започна со тимски активности во кои беше доста забавно да се учествува, а подоцна се покажа како неопходен дел од тренингот, бидејќи темата за која се дискутираше беше доста сурова и многу брзо се воведе личното искуство. Изненадувачки, освен што работевме одлично како група, до крајот на проектот ни стана удобно да зборуваме и за сопствените искуства и проблеми со менталното здравје и трауми.
Зборувавме за идентитети. Што се идентитети и како едно лице има повеќе идентитети? Личното „јас“ е различно претставено со различни луѓе, понекогаш за да импресионираме некого, понекогаш за да се претставиме со конкретен изглед, а можеби и некогаш да изгледаме професионални. Доста чести идентитети кои ги имаме се тие со кои се претставуваме пред родителите, пријателите, на работно место, а има и уште повеќе за кои не сме свесни.
Важна вежба за време на тренингот беше ненасилната комуникација, каде при изразување користевме одредени фрази, и беше доста корисно што претходно зборувавме за емоциите. Ненасилната комуникација генерално помага за сочувствување преку слушање на некој. Во текот на следните сесии, добивме информации за основата на safeTALK (безбеден разговор) за превенција на самоубиство, чија цел е да ги идентификува луѓето кои размислуваат за самоубиство: Зборувајте, Прашајте, Слушајте и Чувајте ја безбедна личноста која сака да се самоубие, и многу важно е да ги поврземе со ресурси за интервенција на самоубиствата.
„Се што е интегрирано во ненасилната комуникација е познато со векови за свеста, јазикот, комуникациските вештини, и употребата на моќта што ни овозможува да одржуваме перспектива на емпатија за себе и за другите, дури и во тешки услови“
– Маршал Б. Розенберг
Покрај превенцијата на самоубиства, зборувавме и за траума, бидејќи таа е голем дел од менталното здравје, особено затоа што наликува на Пост трауматично стресно пореметување (PTSD), стрес, гнев, а личноста многу често се дисконектира (од мислите, чувствата, сеќавањата), не е свесна, и наоѓа механизми за справување. Важно беше да се разбере влијанието на траумата и да се идентификуваат знаците, дури и знаците од детската траума или траума од конкретен настан. Ние успеавме да ги споделиме нашите искуства со траумата во помали групи и активно да се слушаме меѓусебно.
Дефиниција за детската траума од Националниот Институт за Ментално Здравје:
„Кога детето доживува настан кој е емоционално тежок и вознемирувачки, често резултира со трајни ментални и физички ефекти.“
Неколку од попладневните сесии беа посветени на управување со стресот, во форма на терапија, како што се сесии за цртање, танцување и музика. Тие беа добри за да го намалат стресот и да го подобрат расположението откако го поминавме денот разговарајќи на длабоки теми.
Земајќи се во предвид, Еразмус проектот помина добро и беше одлично искуство за учење. За превенција на самоубиства во иднината, важно е да имаме придонес во општеството и во нашата заедница. Планираме да го направиме токму тоа: да ја подигнеме свеста за менталното здравје и превенција од самоубиства кај младата генерација.
Дополнително читање:
- Janina Fisher, Transforming the living legacy of trauma (book)
- Evette Rose, Metaphysical Anatomy (book)
- Teal Swan, Completion process (book)
- Marshall Rosenberg, Non-violent communication (book)
- Gabor Mate, The Wisdom of Trauma (movie)
- Andrew Huberman (podcast, episodes of trauma)
- Wendy De Rosa
Марина Климоска, Цвете Велеска, Бојан Крстевски
Извори:
World Health Organization | Mental Health
World Health Organization | Doing What Matters in Times of Stress
Center for Nonviolent Communication | What Is Nonviolent Communication?
Unyte Integrated Listening | What Is Trauma? – Definition, Symptoms, Responses, Types & Therapy
Grassroots Suicide Prevention | SafeTALK Suicide Alertness – Grassroots Suicide Prevention