Чао! Јас сум Анамарија, доаѓам од Охрид, Македонија и моментно волонтирам во Каљари, Италија на проект преку програмата Европски Солидарен Корпус. Пред да го започнам своето патување овде, како и многу млади луѓе во денешно време, се наоѓав во период од мојот живот во кој ми се роди амбиција да откривам нови работи и да излезам од мојата „комфорт зона“. Отсекогаш сум била љубопитна за различни луѓе, култури, места и многуте можности што светот ги нуди. Се предизвикав себеси да се обидам да живеам во странство некое време, правејќи нешто корисно, па така се роди идејата за учество во ЕСК проект.
Уште откако дознав дека сум прифатена од организацијата TDM 2000 ODV како волонтер во проектот наречен „LIVE“ – почувствував голема возбуда. Проектот има за цел да ги промовира човековите права и волонтирањето: две многу клучни теми во денешно време, за кои особено е потребно вниманието од младите. Се чувствувам многу среќна што сум дел од оваа мисија и што ги практикувам вредностите и перспективите на организацијата.
Цврсто верувам дека секој човек треба да придонесе светот да стане подобро место за живеење, размислувајќи глобално и дејствувајќи локално. Волонтирањето во кауза што ги поддржува вашите вредности е одличен начин да се практикува тоа. Кога им помагате на таквите организации и луѓе, се чувствувате среќни што сте корисни и припаѓате на една добра зделка.
Тоа е она што за мене означува солидарноста – чувство на единство засновано на заеднички интереси или цели, споделено од многу поединци, кои припаѓаат на иста социјална група, работат заедно, постигнуваат иста цел или се борат заедно за истата. Згора на тоа, во период на чести и брзи промени во денешно време, солидарноста е таа што ќе не направи поотпорни. Како што гласи и една мисла на познатата писателка Џ.К.Роулинг: „Ние сме силни толку колку што сме обединети, и слаби толку колку што сме поделени“.
Доаѓајќи од град опкружен со езера и планини – природата и локацијата на Каљари ме прават да се чувствувам како дома. Распослан меѓу ридови со поглед на пенливо море, градот претставува спој на живост и спокој, каде што ветрот носи мириси на цитрус, медитерански зачини и морска сол. Овој древен остров со милениумска култура и ненадмината природа повеќе од често привлекува туристи, студенти и волонтери, така што градот е дом на многу млади луѓе кои заедно го споделуваат задоволството што се тука.
Многу сум благодарна што имам шанса да бидам дел од овој прекрасен тим каде што со мојата филантропска душа можам да придонесам кон постигнување на целите на проектот. Очекувам да стекнам нови вештини, да научам италијански, да соработувам со инспиративни луѓе и да доживеам уште една интеркултурна размена што ќе ме натера да го проширам мојот светоглед.
Веќе добро се прилагодувам на околината и учам нови работи. На секој кој се двоуми дали да го започне своето ЕСК патување, топло го препорачувам затоа што е добро да се запамети дека понекогаш најдобрите искуства се случуваат кога имаме најмногу сомнежи и искуствата се дел од она што нè прави посилни.
Анамарија Гоџо, волонтер на ВЦС во Италија
https://volunteeringineurope.blogspot.com