You are currently viewing Лажни вести, вистински пријателства

Лажни вести, вистински пријателства

Интернетот истовремено е и благослов и клетва. Зошто? На хартија, интернетот ни нуди лесно да се поврземе со луѓето, да играме игри, и исто така нуди пристап до стотици информации. Но во реалноста, многу од работите што ги читаме на интернет се сомнителни па дури и смешни во споредба со вистинската ситуација.

Во 21виот век е посебно лесно да се остане информиран и во чекор со сите моментални настани во светот поврзани со важни теми. Сите жешки теми се само на еден клик од тебе, а во љубопитната човекова природа е да сакаме да им пристапиме. Меѓутоа, се појавува еден проблем: има бројни лажни вести, кликбејт наслови, манипулативни приказни и други невистинити информации за да се добијат прегледи и кликови, но и да се рашири паника помеѓу луѓето.  Проектот „Newsfakers” што се одржа од 23ти до 30ти август го опфати токму тој специфичен проблем – неможноста да се разликуваат вистинити од лажни вести и како да го подобриме тоа.

Нашето место на проектот во Шпанија, во тивка област близу Кастриљо де ла Вега, навистина ни помогна да се фокусираме на темата благодарение на прекрасната природа, дистанцата од гужвите и мирот што ни го донесе. Секој ден добивавме прилика да работиме со учесници од сите држави кои учествуваа: Шпанија, Литванија, Латвија, Турција и секако нашата земја. Практичните можности во проектот беа најдобриот начин да се научи, па анализиравме вистински артикли, подготвувавме најразлични стории, научивме како медиумите можат да ја прикажат ситуацијата во светло кое ним им одговара и исто така презентиравме како новинарството функционира на државно ниво. Во периодот на работилниците научивме како да разликуваме лажни од вистинити вести, но исто така формиравме и вистинити, силни пријателства, и ја препознавме потребата да размислуваме рационално и да не дозволуваме емоциите да не водат во верување на одредена информација или наслов. Благодарение на нашите прекрасни организатори и предавачи и нивните интересни енерџајзери и игрички, работилниците постојано беа полни со смеа и позитивна енергија но и полн фокус на темата на проектот. Супер активност беше можноста ние да бидеме организатори на еден ден, што значеше да одржуваме работилница по наша желба базирано на нашите страсти и интереси, но и да учествуваме во работилниците на другите. Ми се допадна како ни даде простор да ја покажеме нашата уникатна, забавна страна. Јас бев организатор на работилница за медитација и нашата група навистина уживаше. Обожавав како иако темата беше потполно покриена, сепак имавме разни активности и проектот воопшто не беше монотон.

Моја омилена работилница беше анализата на вистински напис кој го добивме, проверувајќи го кредибилитетот на истиот преку начини кои ги научивме на проектот, задлабочувајќи се во минатите трудови на новинарите, изворот на веста, зборовите употребени и други начини кои ги научивме. Сметам дека е навистина корисна вештина да се има во секојдневниот живот,бидејќи е толку лесно да се падне под импресија дека се што читаме е вистинито и непристрасно и нормално е тоа да предизвика одредени емоции кај нас, најчесто негативни како бес, страв и паника.

Медиумите не сфаќаат дека ќе добијат повеќе прегледи ако се покажат како веродостојни и сигурни, туку попрво избираат да ја промовираат страната на приказната што сакаат да ја покажат, дури и ако не е вистинита. Овој проект беше совршена можност да го сфатиме тоа, работејќи со прекрасни луѓе од разни држави, споделувајќи наши искуства, лудо забавувајќи се и давајќи важни идеи за како да шириме свест за овој проблем. Исто така имавме еден ден резервиран за екскурзија до Бургос што беше дел од проектот, и беше убава можност да ги видиме убавините на Шпанија и да поминеме време заедно, да ги засилиме нашите врски, што пак донесе многу бенефити за понатамошната работа.

Севкупно, проектот беше и едукативен и многу забавен, и јас сум многу среќна што бев дел од него. Се вративме дома исончани, полни со убави спомени, со многу повеќе пријатели, но и посвесни за нереалната страна на вестите и како да се справиме со неа. Тешко е во ова модерно време да останеме непристрасни, но овој проект не придвижи поблизу до нашата цел да бидеме реалистични, и најважно стабилни и никогаш изманипулирани.

Милена Глигорова