Познатиот цитат на Гај Јулиј Цезар совршено ја опишува главната цел на „Еразмус+“ програмата, организациите и нејзините членови кои вредно и непрестајно се трудат да ги споделат своите искуства и познавање на одредено поле, ефективно промовирајќи ги начелните вредности кои го дефинираат нивниот карактер, нивната личност и суштината на самата програма.
Како најмлад претставник на Волонтерски Центар Скопје на проектот : „Игри за социјално претприемаштво“, или “Games for Social Entrepreneurship” што се одржа во Кипар од 23 до 30 мај годинава, би можело да се каже дека имав неколку грижи поврзани со самото учество на еден проект од ваков карактер. Сепак, мојата загриженост за брзо исчезна.
Иако скромно, нашето сместување ни овозможи пријатен и удобен престој кој резултираше во подобра работна атмосфера, поголема продуктивност и задоволителен краен исход. Покрај љубезниот персонал, гостопримливата природа на жителите на Ларнака ни помогна да се чувствуваме како дома. На учесниците им беше пружена можност да посетат дел од природните богатства кои ја красат оваа прекрасна земја, а нивните убавина и грациозност ќе бидат дел од нашите сеќавања уште многу долго време.
Уште од самиот почеток, беше очигледно дека овој курс ќе биде спроведен професионално,на уникатен и иновативен начин. Социјалното претприемаштво игра голема улога во едно општество, како и одржливиот развој на истото. Оваа гранка на претприемаштво го дефинира пристапот на поединците, како и претприемачките групи чија цел е да креираат и финансираат бизнис идеи кои би помогнале во пронаоѓање на решенија за одредени социјални, еколошки и културолошки проблеми. Како млада и љубопитна личност, заинтересирана за проблемите со кои се соочува модерното општество, изучувањето на суштинските елементи од оваа тема, стекнување на вештините,потребни за успех на ова поле, како и запознавање со најпознатите личности од наведената професија преку бројни едукативни игри, беше од голема важност за мојот личен и професионален развој. Организаторите на проектот овозможија да нашето време биде покриено со возбудливи активности,игри и дискусии, притоа оставајќи простор за подобро запознавање меѓу учесниците, истражување на околината, дружење и релаксација. Идеалниот микс од слободно и работно време ни овозможи да уживаме во секој аспект од нашиот престој.
Зборувајќи во мое име, најдобриот дел од оваа авантура, беа моментите минати со многу неверојатни личности, бројни пријатели кои успеав да ги стекнам. Иако моето искуство не е големо, овој проект ми пружи можност да ја проширам мојата социјална мрежа низ бројни држави низ светот, подобро да се запознаам со различните култури и традиции, но најважно од сѐ да создадам цврсти пријателства со посебни луѓе кои ми помогнаа да се оформам во подобра личност и кои секогаш ќе бидат дел од мене и од мојот живот.
Ваквите доживувања ни ги прошируваат видиците, ни ја отвораат душата. Тие ни даваат можност вистински да се пронајдеме себеси и да бидеме својата најдобрата верзија. Би сакала да ги охрабрам сите оние кои никогаш не биле дел од едно вакво искуство, да излезат од својата удобна зона и да бидат дел од нешто ново, дел од едно доживување, од една своја приказна исполнета со многу спомени, насмевки и авантури. Животот е непредвидлив и треба да биде живеен гледајќи нанапред, или како што некогаш рекол мудриот Абрахам Линколн:
“Најдобар начин да ја предвидите својата иднина, е да ја создадете“.
Ива Крајоска