Развивање вештини за користење радио и паметни телефони за да се крене гласот и да се унапреди позицијата во општеството беше целта на младинската размена што се одржи во Љубојно, Македонија од 22-28.08.2024. Дваесет млади и младински работници од Македонија, Исланд, Белгија и од Данска ги истражуваа минатото, сегашноста, митовите, звуците, обичаите и традицијата на ова живописно преспанско село и преку своите паметни телефони креираа радио-програма на овие теми. До крајот на размената, сите групи испланираа, снимија и уредија подкаст поврзан со регионот.
Во „Одгласите на Преспа“, група млади луѓе од различни земји ве водат на незаборавно аудио патување низ Љубојно и Брајчино. Тие ги истражуваат скриените скапоцени камења на културата и на духовноста. Но, не само што открија голем број цркви во и околу селата, туку и проученото гостопримство на локалното население. Групата беше поканета на гости од брачен пар во поодмината возраст, кои со баклава и турско кафе споделија приказни од регионот и од редовниот живот на обичните луѓе…
Во „Луѓе во кујната“ можеме да слушнеме приказни и искуства на различни луѓе околу една многу стара куќа која опстојувала и опстојува во Љубојно низ генерациите.
Во „Преспа муабети“ можете да добиете слика од Љубојно и од Брајчино во врска со животот во овој крај, за младоста и за зрелоста. Приказни од повозрасни луѓе, кои го минале животот на печалба, а сега се вратиле да го живеат остатокот од животот во мир. Но, и за приказни од млади луѓе, кои ги напуштиле поголемите градови за да започнат нов живот на село и да ги воспитуваат своите деца во тишината на природата.
Во „Туризам во Преспа“ се зборува за развојот на руралниот туризам во регионот на Преспа. Ќе слушнете приказни од локални бизнисмени кои нудат атракции за туристи, ресторани и соби за изнајмување.
Оваа младинска размена беше дел од КА2-проектот „Дигитално радио на заедницата за вклучување и различности кај младите“/”Digital Community Radio for Youth Inclusion and Diversity”. Целта на овој проект е зајакнување и градење добри практики и капацитети помеѓу партнерските организации преку спроведување обуки и размени од областа на дигиталната младинска работа. Поконкретно, да се охрабри користењето на радиото и паметните телефони како алатки за зајакнување на вештините на младите луѓе, особено меѓу младите со различни етнички и религиозни позадини.
Партнери на проектот: Волонтерски Центар Скопје (Македонија), Bergmál (Исланд), Art of the Box (Белгија), Aarhus Global Media (Данска).