You are currently viewing Сонот стана јаве – ЕСК во Шпанија

Сонот стана јаве – ЕСК во Шпанија

Живеењето во Шпанија ми беше сон повеќе од 5  години. Како студент по психологија, барав проект каде што би можела да имам пракса поврзана со мојата струка. Еден ден, додека разгледував на Инстаграм, го видов постот на Волонтерски центар Скопје за волонтирање во Шпанија во организација што им помага на деца и возрасни кои имаат попречености и бев нестрплива за да се пријавам. По неколку месеци бев многу среќна кога видов дека ме одбраа како волонтер за овој проект. Подготовката за моето патување беше еден долг процес кој се состоеше од прибирање на потребните документи, но бев многу среќна што го имав тимот на ВЦС зад мене, кој ми помагаше во текот на целиот тој процес. Водена од стравот и возбудата да започнам ново непознато поглавје во мојот живот, пристигнав на аеродромот во Барселона каде јас и другите 4 волонтери од Франција, Германија и од Турција бевме пречекани од нашата директорка Џудит и уште еден волонтер, кој веќе работеше таму, а е од Македонија – Џоџо. Тој ни беше од голема корист и ни даде многу информации за тоа што треба да очекуваме и што ќе правиме за време на нашето волонтирање. И токму така заедно го започнавме ова ново патување.

Мојот проект започна пред околу 5 месеци во мало слатко гратче наречено Тарега, на само 1 час возење со автобус од Барселона. Организацијата за која волонтирам има голема заедница и центри за лица со посебни потреби. Стотици луѓе работат за да им го олеснат и подобрат животот на овие луѓе. Јас работам во специјално училиште за деца со физички и ментални попречености од 6 до 21 година, играм секакви игри со нив, шетаме заедно, правиме физички вежби, имаме терапии со коњи и кучиња, различни активности во базен и терапија со музика. Овие деца ми покажаа нов свет – свет кој го слави богатството на човечкото искуство и убавината на различностите. Преку нивниот непоколеблив дух и нивната секојдневна радост, тие нè инспирираат да ги надминеме пречките, да ги прифатиме разликите и да се стремиме кон поинклузивен и сочувствителен свет. Тие ме научија на одлучност, да имам позитивен став кога се соочувам со предизвици, да бидам поемпатична и да бидам трпелива. Гледајќи некои од нив како напредуваат и прават работи што не можеа да ги направат кога првпат ги запознав – ме прави многу среќна и исполнета.

Навиката да го прифаќам секојдневието постепено, „siesta time“, контактот со шпанскиот и каталонскиот јазик, разговорите со луѓето кои не знаат да зборуваат англиски, ми беа нешто ново, но без разлика на тоа, моите соработници беа многу добри, правеа сѐ за да се почувствувам како да сум дома и сите сакаа да ме запознаат, исто толку, колку и јас што сакав нив да ги запознаам. Моите цимери (Луан, Луис, Јанис, Џоџо и Илајда) се најдобри и сите заедно сме како мало семејство. Заедно одиме на патувања, по барови и забави, играме секакви игри, разговараме за нашите работни денови и поминуваме многу време заедно. Можам да кажам дека сум многу среќна што ги запознав и сигурна сум дека ќе бидеме пријатели за цел живот. Веќе правиме планови да се посетиме еден со друг откако ќе заврши мојот проект. Истражувањето на живописните градови на Каталонија и Шпанија како Барселона, Мадрид, Валенсија, Жирона, Тарагона, Леида, Лорет де Мар и нивните историски знаменитости ми понуди подлабоко разбирање на нивното културно наследство.

Преселувањето во странство нуди единствена можност за личен раст, културна апсорпција и има  значајно влијание врз личниот развој на волонтерот. Тоа им нуди на поединците можност да направат значајна и видлива промена во светот додека стекнуваат непроценлива перцепција на светот, вештини и искуства. Сега кога сум на крајот од мојот проект со сигурност можам да кажам дека ќе се вратам дома со животно искуство кое ме промени и кое никогаш нема да го заборавам.

 

Ивана Ниќифоровиќ

Наш волонтер на долгорочниот ЕСК проект со Associació Alba