Бескрајно езеро, златни песоци, неуморно сонце и потенцијалот на младите! Помеѓу 10 и 19 Август 2021 година, Волонтерски Центар Скопје беше домаќин на Младинската Размена “CUTE: Cooperate Understand Tolerate Empower” во Струга, Македонија. Проектот беше аплициран од партнерот на ВЦС од Унгарија: Hang-Kép Kulturalis Egyesület и финансиран од Еразмус+ програмата.
Во текот на 8 дена, 32 млади луѓе од Македонија, Унгарија, Романија и Полска работеа на нивните лични и професионални вештини поврзани со интер-културна соработка и самосвест. Младинската размена може да биде многу образовно и искуство што може да ви го смени животот, но што навистина беше главната цел на CUTE размената? Како акроним CUTE подразбира промоција на фундаменталните вредности на младите-соработка, разбирање, толеранција и зајакнување. Сите активности како работилници, вежби, дебати, играње улоги и активности на отворено беа насоќени кон практична примена на овие вредности.Учесниците уште еднаш се докажаа као одлични тимски играчи и лидери. „Како лидер на групата морав да ги земам во предвид сите размислувања на моите тимски колеги и да се насочам кон подобрување, како и да учествувам во активностите и да најдам време за уживање за себе.Беше задоволство да се видат младите луѓе понесени од дискусиите како ги прошируваат своите хоризонти преку изведување на различни активности и задачи“-вели Мерима Сарачевиќ од Македонија.
За Иштван Гал од Унгарија ова беше втора младинска размена но и прва посета на Македонија.Кога го запрашавме за неговото искуство, тој не криеше од нас за неговите високи очекувања што ги имал пред да дојде во Струга: „Чувството во непозната средина беше малку чудно на почетокот но брзо навлегов во локалното секојдневие. Како што очекував, учесниците беа искрени и отворени еден кон друг, па не е ни чудо што одлично се согласувавме. Се стекнав со многу искуства, сеќавања и знаења преку различните активности“. Што научи надвор од твоите очекувања за време на проектот? Тоа дека „Светот е еден голем „отворач на шишиња“ и дека „Секогаш има некој од Полска кој танцува подобро од тебе.“
Една од целите на проектот беше да се зајакне сознанието на младите за нивните потреби и да се охрабрат за преземање акција да се направи промена во нивните помали или пошироки заедници. За време на размената учесниците научија како да раководат со проекти и чекор по чекор организираа чистење на плажата. „Македонија е многу поубава отколку што очекував. За жал. Има проблем со загадувањето. И благодарение на нашата размена, во можност сме да направиме нешто повеќе, успеавме да исчистиме можеби само мал дел од плажата но мислам дека овој мал чин нѐ поттикна да правиме повеќе“-вели Александра Коложеј од Полска.
Во текот на младинските размени секогаш има и време за забава. И бидејќи младинските размени се насочени кон интер-културен дијалог, програмата ги вклучува и културните вечери.Заборавете на здодевните презентации! Во Струга учесниците ги претставија само најдобрите работи. Вечерите беа проследени со кратки филмчиња, квизови, пеење и танцување и богато поставени трпези со деликатеси од сите земји. Учесниците имаа можност да го вкусат вистинскиот вкус на Македонија, не само благодарение на храната туку и преку истражување на природните убавини на земјата. Мерима се сложува со останатите учесници: „Највозбудливиот дел за сите беше патувањето во Охрид и Св. Наум, како и посетата на Националниот Парк Вевчани. Величенствените извори и чистата вода се нешто што не го гледате секој ден.“
Какво беше целокупното искуство на учесниците? „Искуството беше единствено, почнувајќи од локацијата до учесниците и организаторот. Преку тренингот беа опфатени клучни теми, како разбирање, толеранција и поддршка еден на друг. Според мене, во овоа Еразмус+ размена учествуваа свесни граѓани“-вели Николета Татаренко од Романија, но и другите се согласуваат дека поминале незаборавни моменти во Струга.
Илјадници фотографии, нови пријателства и сеќавања што ќе се паметат долго време. Драги пријателчиња не заборавајте да останете СИМПАТИЧНИ (CUTE) засекогаш!
Јоланта Чиопчинска
Преведувач: Горан Галабов
Партнерски организации:
Hang-Kép Kulturalis Egyesület, Унгарија
Stowarzyszenie na rzecz dzieci i młodzieży Uskrzydlamy, Полска
Asociatia Comunitatilor Interculturale, Романија