Ја имав можноста како претставник на Волонтерски Центар Скопје да учествувам на тренинг-курсот насловен „Волонтерството ги поврзува заедниците – Volunteering connecting communities 2.0” од 24 до 31 мај годинава во Сараево, Босна и Херцеговина. Проектот е организиран од страна на Udruzenje “Mladi volonteri” и вклучува 500 младински работници, 5 организации, 15 училишта и повеќе од 2.500 млади луѓе со цел да бидат поддржани и поттикнати преку информации и конкретни алатки во областа на волонтерството и инклузивноста на локално и интернационално ниво.
Тренинг-курсот го започнавме на 24 мај со пристигнување во раните утринските часови во Сараево. Истиот ден беше оставен слободен и имавме доволно време да одмориме и да прошетаме низ улиците на градот проткаени со различни архитектонски стилови од различни култури, цивилизации и религии кои оставиле трага врз градот поради што го доби името Ерусалим во Европа.
Веќе наредниот ден беше одржана нашата прва сесија од тренинг-курсот каде бевме поделени во четири тимови од различни држави и имавме задача да ги сликаме главните знаменитости во градот, да дознаеме повеќе информации околу нив и да разговараме со локалното население. Идејата на оваа сесија беше не само подобро запознавање на градот Сараево и неговата историја туку и запознавање со учесниците од другите тимови. Во текот на наредните сесии ги запишавме нашата мотивација, очекувања, придонес и стравови за тренинг курсот и воспоставивме заеднички правила на однесување.
На 26 мај дискутиравме општо за кампањи, што претставуваат тие, какви цели имаат, што ги прави (не)успешни. Истиот ден отпочна осмислувањето и креирањето на нашите кампањи така што бевме распределени во националните тимови. Притоа дефиниравме конкретен општествен проблем со кој младите лица се соочуваат и причините како и последиците од неговото појавување врз заедницата. Нашата кампања почнавме да ја градиме врз проблемот на говорот на омраза помеѓу младите на социјалните медиуми. Различни социо-економски причинители за говорот на омраза наведовме како што се лошата економска ситуација во државата, системот на образование, домашното воспитување и одгледувањето. Последиците од говорот на омраза ги објаснивме од психолошки аспект со тоа што директно негативно делува на менталното здравје но и од општествена гледна точка со тоа што влијае на социјалната кохезија, толеранцијата и почитта помеѓу младите и доведува до зголемување на поделбата меѓу нив врз основа на пол, раса, национална и етничка припадност, политичко и верско уверување.
Деталното осмислување на кампањата како и целиот проект околу говорот на омраза помеѓу младите лица на социјалните мрежи продолжи во текот на наредниот ден. Ја разработивме СВОТ анализата за што наведовме предности, слабости, можности и закани со кои би се соочиле во спроведување на нашата кампања. Исто така ја опфативме и логичната рамка, кадешто ги вклучивме општата цел и конкретните цели на проектот, очекуваните резултати и проектните активности. Ја одредивме временската рамка во која би се спровел проектот како и локацијата на имплементирање на активностите и нејзини алтернативни решенија. Истиот ден по завршувањето на сесиите, го посетивме малото гратче Високо во непосредна близина на Сараево. Како дел од факултативниот излет, имавме можност да дознаеме повеќе и да прошетаме низ тунелите на петте пирамиди во Високо, меѓу кои и највисоката во светот т.н. Пирамида на Сонцето.
Во текот на шестиот ден од тренинг-курсот, се посветивме на дефинирање на целните групи и крајните корисници од нашиот проект. Исто така, детално го анализиравме буџетот, односно ги распределувавме трошоците кои би биле потребни за имплементација на самиот проект. Истиот ден ја одржавме и интеркултурната вечер во која секој национален тим од земјите учеснички ја претставуваше сопствената земја преку усни презентации и квизови, музика, танц и традиционална храна.
На седмиот ден од тренинг-курсот го одржавме саемот на кампањи. Секој тим од земјите учеснични во тренинг-курсот беше задолжен за претставување на сопствената идеја и на крајот од секоја презентација се водеше активна дискусија околу недостатоците и можностите за подобрување на секој поединечен проект.
Последниот ден направивме целосна евалуација на тренинг курсот, како и лични импресии и размислувања околу проектот и направивме споредба со првичните очекувања, мотивација, придонес и стравови што ги пишувавме во текот во вториот ден. За крај имавме мала церемонија на доделување на youth pass.
Овој тренинг курс ми помогна во сопствениот развој на професионално и лично поле. Тој претставува спој од стекнување нови знаење во областа на волонтерството, но истовремено и спознавања со различните култури и обичаи кои со себе ги донесоа и прикажаа останатите земји учесници на проектот. Самиот спој на дваесет и пет млади луѓе од различни позадини ни овозможи разновидни гледишта на предизвиците со кои се соочуваат младите и ни овозможи изнаоѓање решенија за понатамошна имплементација во нашите локални средини. Со ова покажуваме дека желбата за подобро утре ги надминува јазичната и културната бариера и ние како млади сме спремни и желни за подобра иднина на идните генерации.
Александра Сипковска