Една година по започнувањето на активностите во рамките на проектот: „European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum”, организиран од Волонтерски центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“, Стефанија Стефаноска од Прилеп раскажува како и дали го промени општеството кон подобро.
Темата на мојот проект е влијанието на трансполаризацијата и супституцијата на емоции од раното детство (како во семејството, така и во училиште) врз стресогените ситуации кои подоцна се можеби и најголем извор на голем број телесни заболувања, односно обработка на оние теми кои што се уште сериозно не се сфаќаат со цел да станеме посвесни за сопственото здравје. Оние ситуации во училиште каде професорот се изживува со ученикот, но ученикот е секогаш виновен, оние ситуации кога децата никој не ги сфаќа сериозно зашто се деца и тие немаат никаков стрес, а не би можеле да се обратат до психологот во училиштето, зашто психолозите/социолозите/педагозите се се друго во училиштата, освен тоа што треба да бидат.
Дали тие активности беа најавените од почетокот на проектот или ги менувавте согласно условите?
Најголем дел од активностите беа реализирани според првенствениот план, во првенствениот план заедно со мојот ментор ги имавме размислено можните ситуации ако дојде до некоја промена во однос на „ковид“ мерките, но сепак, 90 проценти од активностите беа реализирани така како што беа планирани.
Каков беше „фидбекот“ на учесниците? Една година подоцна: Дали вашите активности барем малку го сменија општеството кон подобро?
Искрено не би можела во три реченици да го објаснам „фидбекот“ на учесниците, бидејќи тоа е посебна приказна сама за себе и не може да објаснета само во неколку реченици. Генерално можам да кажам дека успеавме да го привлечеме вниманието на голем број на луѓе во однос на менталното здравје.
Што недостига за да се подигне општествената свест на сите полиња?
Сметам дека недостасува асертивност кај психолозите и психотерапевтите од една страна, а од друга страна високите цени на психотерапевтските сесии ја намалуваат нивната достапност за младите.
Дали имате идеја и иницијатива да продолжите со активностите и волонтирањето и по завршувањето на проектот?
Што се однесува до наредните идеи и иницијативите за работа на ова поле би сакала да почекам додека се смири ситуацијата со „Ковид-19“ поради тоа што сакам да создадам место/платформа каде што младите по поволни цени или бесплатно би можеле да имаат достапна психотерапевтска помош. Оваа идеја се појави како заклучок после реализацијата на проектот, бидејќи е очигледно дека стигмите и табуата поврзани со психотерапијата веќе се искоренети кај помладата генерација, но достапноста до психотерапија влијае правопропорционално врз желбата на младите да работат на себе.