Главната цел на проектот е обука за сертифицирање на организации за програмата EU Aid Volunteers, која има за цел да обезбеди практична поддршка на напорите за давање хуманитарна помош и да придонесе кон јакнење на локалните капацитети во земји погодени од природни катастрофи. На тој начин EU Aid Volunteers им овозможува на европските граѓани практично да им помогнат на погодените заедници. Со цел ова да се постигне, волонтерите поминуваат низ обука за да стекнат потребни вештини за ефективно справување со последиците од природните катастрофи.
Одговорна за спроведување на проектот е организацијата ADRA од Словачка, а покрај Волонтерски Центар Скопје, учествуваат и организации од Киргистан, Ерменија, Франција, Непал, Камбоџа, Чешка, Србија и Либан.
Поради најновата ситуација со пандемијата за Ковид 19, обуката и состаноците во моментов се одвиваат онлајн, каде што ВЦС се стекнува со потребните знаења, алатки и вештини за комплетирање на процесот на сертифицирање.
ВЦС е прва и единствена организација од Македонија која учествува во процесот на сертификација. Со тоа, ВЦС останува посветена на активно учество во сферата на волонтирањето и помагање секаде каде што има потреба.