Здраво! Јас се викам Доминика, доаѓам од Полска и толку многу ја сакам својата земја што студирав полска филологија. Всушност, сакам и другите луѓе да ја засакаат Полска, па затоа се стекнав со магистерска диплома за предавање на полскиот јазик како странски. Но, искрено кажано, се интересирам за секоја земја – за нејзината култура, традиции, јазик и смисла за хумор. Сакам да собирам песни од различни земји и да „крадам“ интересни зборови, кои потоа ги вметнувам во мојот секојдневен говор, како на пример „allora“ или „ajde“.
Генерално, многу сум љубопитна кога станува збор за луѓето. Сакам да шетам и да ги набљудувам, особено начинот на кој се облекуваат. Исто така, се обидувам и да ги фотографирам, бидејќи ја сакам уличната фотографија, иако сè уште чувствувам мала срамежливост во врска со тоа. Ме интересира мода, особено облека од втора рака и „винтиџ“ парчиња – речиси целата моја гардероба е купена во продавници за користена облека! Исто така, го знам и знаковниот јазик. Во Полска волонтирав во фондација која работи на заштита на правата на глувите лица и промовирање на нивната вклученост во општеството. Општествените прашања ми се многу важни.
Луѓето понекогаш ме опишуваат како некој што не стои цврсто на земја, како некој што живее во илузии, но јас сметам дека тоа е добра работа. Сакам да гледам магија во светот околу мене. Исто така, постојано барам причини за смеење. Најомилените моменти во животот ми се оние кога нешто ќе ме насмее толку силно, што целосно губам контрола врз изразот на лицето – лицето ми се искривува од смеење, а стомакот почнува да ме боли. Исто така, сакам да измамам насмевка на лицата на другите луѓе. Ме радува кога моите постапки, или едноставно моето присуство, можат да внесат нешто позитивно во нечиј живот. Мислам дека токму тоа е една од причините поради кои одлучив да станам волонтер.
Доминика
Организација-испраќач: Bona Fides
