You are currently viewing Брајчино: каде што тишината зборува за иднината

Брајчино: каде што тишината зборува за иднината

Десет дена, четири земји, една заедничка идеја – младите да бидат амбасадори на руралниот дух. Проектот „Rural Youth Ambassadors“ нè однесе во Брајчино, село кое на прв поглед изгледа како заглавено во времето, а всушност крие одговори за иднината.

Брајчино нè пречека со камени патчиња и куќи кои носат тежина на генерации. Но токму таму, во срцето на тишината, започнаа најгласните разговори: како да го задржиме животот во руралните средини, како младите да не бегаат од селото, туку да го претворат во место на нови можности.

Секојдневните прошетки ни беа лекции. Го видовме Преспанското Езеро – раскошно, но повлечено, како огледало што ни ја врати нашата одговорност. Научивме дека природата не исчезнува сама, туку ние ја повлекуваме со себе. Токму тука ја почувствувавме тежината на улогата што ја имаме како млади: да не бидеме само сведоци, туку и актери на промена.

Од тие дискусии излегоа визии – фестивали што би го оживеале културниот пулс, зелени иницијативи што би го вратиле балансот со природата, идеи за социјални претпријатија што би го задржале духот на младите во селата. Секој предлог звучеше како мало семе засадено во плодна почва.

И токму тука лежи суштината: руралното не е минато, туку неискористен ресурс на сегашноста. Брајчино ни покажа дека иднината не се мери само во високи згради и брзи улици, туку и во чиста вода, отворено небо и во млад човек кој избира да остане и да создава таму каде што другите гледаат само тишина.

„Корените не нè влечат надолу, тие ни даваат потпора да растеме нагоре.“ И можеби токму оваа мисла е најдобриот опис на нашето искуство: дека да останеш во село, да вложиш таму каде што си роден, е чин на храброст. А, храброста секогаш ја движи историјата напред.

Групата која беше дел од проектот е доказ дека постојат млади со глас, со желба за промена и со сила за подвиг. Тие не се само учесници во една размена, туку пример за генерација што верува дека секој чекор – колку и да е мал – може да остави трага. „Rural Youth Ambassadors“ не беше само проект, туку сведоштво дека младите можат да бидат двигатели на големи приказни.

Комплименти до Здружението Брајчино 2011 за одлично организираниот проект, а Волонтерски Центар Скопје и во иднина ќе биде тука за било каква помош и поддршка.

Анастасија Ѓорѓиевска