„Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папучиите, бојачиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на ­­летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.“

Вака познатиот турски патописец Евлија Челебија ја опишал Старата скопска чаршија при неговата посета на Скопје во 1661 година. Неговите патописи се особени значајни за македонската историографија. Низ земјите од регионот патувал четириесетина години и внимателно го запишувал виденото. Ако само еднаш поминете низ Чаршијата, ќе го помирисате духот на отоманската и остатоците од византиската архитектура, како и белег на модерното живеење. Истраживме како се живее сега во Старата скопска чаршија, околу 800 години подоцна откако првпат се споменува нејзиното постоење.

Уживајте и со останатите содржини што нашиот тим ги подготви за априлското издание на „Воисес“.