Нашиот македонски тим, заедно со учесниците од 5 други земји: Франција, Србија, Италија, Шпанија и Турција, учествуваше на Младинската размена „Real Facts Matter“ што се одржа од 3ти до 11ти октомври во малото и тивко место покрај океанот Домино, што се наоѓа на островот Сен–Жорж д‘Олерон во Франција.
Главните цели на проектот беа подигнување на свеста и зголемување на знаењето на учесниците за медиумската и информациската писменост, лажните вести, дигиталните вештини и дигиталниот отпечаток. Локацијата за проектот беше одлична и времето беше убаво, така што покрај активностите во затворен простор, имавме и многу сесии на отворено. И покрај игрите со имиња, мразокршачките игри и активностите за градење тим на почетокот на проектот, користевме неколку методи за време на проектот за да ја покриеме темата, како што се учење преку правење, интерактивни презентации, креативни работилници, дискусии, брошура и видео. Имавме и интеркултурни активности каде имавме можност да дознаеме повеќе за храната, музиката и културите на земјите-учеснички.
Активностите беа забавни и динамични како и едукативни. Пред да навлеземе подлабоко во темата на секоја престојна сесија, имавме кратки но многу забавни игри за загревање што многу ни помогнаа да го насочиме умот кон сегашниот момент и полесно да комуницираме во групата.
Следствено на овие креативни активности, работевме и со аналитички методи, базирајќи се на истражување и споделување идеи со тимот. Тимовите беа составени од различни националности, иако понекогаш работевме во нашиот национален тим. На тој начин работевме на активности од различен вид, користејќи мултимедија содржини, критичко размислување, театарски симулации, истражување, презентирање и дискутирање на различни теми зависно од моменталниот проблем што се трудевме да го елаборираме.
Ги анализиравме методите како да ги забележиме лажните вести, дознавме за големите медиумски конгломерати и карактеристиките на нивните веб страници. Исто така, научивме како да оценуваме и читаме статии, и што е најважно научивме како да креираме сопствени медиуми.
Она што го научивме за време на ова искуство, исто така благодарение на анализата на најпопуларните новински сајтови во светот и на 5-те закони на УНЕСКО за медиумска писменост, е дека во ниту една од нашите земји информациите не се целосно ослободени од секаков вид манипулации и дека ние мора да научиме да се браниме од постојано растечкото ширење на лажни вести во современите медиуми. За да избегнеме да бидеме погрешно информирани, ја разбравме важноста на критичкото размислување и истражувањето на изворите, исто така благодарение на методот на анализа CRAAP.
Сепак, медиумите не беа единствената тема на која работевме. Фасилитаторите исто така координираа сесија за целиот проект Еразмус+, неговите придобивки и ограничувања. Имавме и брза сесија за тоа како да напишеме проект и како да дојдеме до проектни идеи.
Во слободното време многу се забавувавме, разменивме животни приказни, игравме игри и многу се смеевме. На нашиот слободен ден изнајмивме велосипеди и го посетивме островот, што беше одлично искуство бидејќи местото беше прекрасно и денот беше многу сончев.
Делот од искуството што нè допре најдлабоко беше интерперсоналнoто. Научивме како да се изразуваме пред голема мултиетничка група на луѓе, споделувајќи ги нашите обичаи и традиции. Ова споделување меѓу културите е најголемиот багаж на знаење што го понесовме со себе.
За времетраењето на оваа младинска размена бевме едуцирани за социјалните медиуми, опасноста на истите како и позитивната страна на медиумите. Научивме како да се заштитиме од овие опасности и како да го споделиме нашето знаење за истите. Заклучокот до кој стигнавме е дека треба постојано да бидеме претпазливи додека ги користиме социјалните медиуми, постојано да читаме и да се едуцираме и да внимаваме во што од прочитаното ќе веруваме.
Исто така се запознавме со феноменални луѓе од Италија, Шпанија, Србија, Турција и Франција, и создадовме доживотни пријателства.
За се ова сме им благодарни на ВЦС кои ни го овозможија ова искуство. Срдечно им препорачуваме на сите тие кои ја читаат овaa статија да се пријават и да учестуваат на некој од проектите и настаните организирани од ВЦС, нема да згрешите.
Со почит,
Тијана Цресензи
Гала Стојанова
Бојан Лазаревски