Со третата и последна активност во Скопје (првите две беа во Антверпен и во Бремен), го завршивме проектот „Соседство на младински центри во Европа / Neighborhood of Youth Centers in Europe“ во рамките на програмата „Еразмус+“ на Европската комисија преку белгиската Национална агенција.
Триесетина младински работници и вработени во општини во осум држави – партнери во проектот, изминатата недела (6-13 мај) во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода разговараа за потребата од Младински центри, нивната функционалност, а договараа и натамошна соработка со цел подобрување на условите за младите и давање можности за нивно поактивно учество во јавниот живот.
Во склоп на тие активности, организиравме и три големи отворени настани што предизвикаа огромен интерес кај младите и кај локалните жители, кои се уверија дека Домот на културата е повторно отворен и ги има сите предиспозиции да стане (младински) Центар на заедницата.
По повод „9 Мај“ – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, Волонтерски Центар Скопје заедно со Општина Кисела Вода ја организираше уметничката изложба во областа на дигиталната уметност и фотографии на тема: „Млади и волонтирање во заедницата“. Настанот го отвори заменикот – градоначалникот на Општина Кисела Вода, Иван Митровски, по што следуваше говорот на директорот на Волонтерски Центар Скопје, Никола Станкоски, како и на претседателот на Здружение на просветни работници на Град Скопје, Катерина Митковска. Познатиот уметник Живко Цветин подари слика на Општина Кисела Вода, а беше прочитана и песната: „Белата птица нежна” по повод отварањето на Домот на културата насловен по Билјана Беличанец. „Ивентот“ беше збогатен и со рекреативната партија шах помеѓу Димитар Илиевски – интернационален шаховски мајстор и младиот надежен шахист Дино Табаковски, а учество следоа и други реномирани писатели, поети, ученици и просветни работници.
Истовремено, пред Домот на културата имаше штандови каде нашите гости од Германија, Белгија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ја претставија својата земја, храна и култура.
Потребата од Младински центри, имплементација на Законот за млади, подобра комуникација помеѓу самите институции на локално и државно ниво, како и со граѓанскиот сектор беше цел на панел-дискусијата на тема: „Институционална поддршка како клуч за младински развој“ што се одржа во среда на 11 мај. Панелистите се согласија дека отворање Младински центри што е законска обврска на секоја општина – не е само обврска, туку и потреба за младите и место каде ќе можат да ја канализираат својата енергија, но и да чујат какви можности им се нудат, односно да предложат свои идеи, предлози и иницијативи.
Советот за млади, службеникот за млади, поголемо одвојување средства од институциите за младински развој се компонентите што дополнително ќе влијаат врз младинскиот активизам и нивно посилно учество во општетсвените случувања. Во првиот дел од дискусијата учествуваа важни чинители во општеството кога е во прашање младинскиоти граѓанскиот активизам што остава надеж за скоро подобрување на условите.
Во вториот дел од дискусијата, претставници на осумте земји што учествуваат на семинарот споредуваа добри практики од своите средини, поддршката што ја добиваат од локалните власти и одржливоста на овие центри. Тоа беше одлична прилика за десетици локални млади што присуствуваа на настанот да се запознаат со младинската работа и со волонтерството.
На панел-дискусијата зборуваа: Ана Ѓуроска – координатор на проекти во Општина Кисела Вода, Никола Илиевски – советник во Општина Кисела Вода, Билјана Пауновска Николовска – раководител на Секторот Образование при Град Скопје, Моника Зајкова – пратеничка во македонското Собрание, Марко Ѓорѓиевски – директор на Националната агенција за европски образовани програми и мобилност, Никола Станкоски – директор на Волонтерски центар Скопје, Томислав Гајтаноски од Коалицијата СЕГА, Драгана Митровиќ од Сојузот за младинска работа и Лука Читарела од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
На крајот, како шлаг на тортата го организиравме и „Skopje SOUP“, настан што предизвика голем интерес кај младите, кои ја наполнија кино салата. Станува збор за модел што пред неколку години започна да се применува во Детроит, САД, а сега се практикува во речиси 200 града низ светот. Сега, и Скопје стана дел од оваа мрежа. „Skopje SOUP“ понуди одлично дружење, прекрасни идеи и најважното – она чувство дека ние можеме да ја промениме заедницата! Присутните имаа шанса да ги слушнат идеите на четворицата фантастични говорници: Мариа Данчевски (за подобар третман на кучињата – скитници), Иван Илијевски (за поголема вклученост во извидништвото), Петар Стевановиќ (за конкретни акции за почиста околина) и Камелија Костовска (за рециклирање на отпадот), а потоа и да гласаат за еден од нив.
Чорбата (супата) што ја јадевме додека траеше гласањето беше превкусна, па голем број локални жители дојдоа да ја пробат. И да се запознаат дека Домот е повторно „жив“ и ќе биде центар на заедницата.
Атмосферата се загреа до максимум со инспиративните настапи на уметниците: Ненад Стефаноски, Срѓан & Њомза, DJ Drazi Drags и HyperTech, додека Кирил Гочевски приреди жонглерско шоу.
Имајќи предвид дека по гласањето имавме нерешен резултат кај двајца натпреварувачи, четворицата говорници самите гласаа за еден од нив. Победи Петар кому му припадна целиот износ од донациите (симболични 100 денари од секој присутен) со кои ќе купи опрема за чистење за некоја од наредните акции на „За почиста Македонија“.
Веруваме дека Волонтерски Центар Скопје и Општина Кисела Вода беа одлични домаќини и сигурни сме дека во Домот на културата ќе има уште многу, многу настани, семинари, дружења…
______
Партнери: ART of the BOX, Општина Кисела Вода, Carpe Diem, Don Bosko Centar Podgorica, Environment Engineering Group, NaturKultur e.V., Mladinski center Postojna, Zdravo Da Ste OC, Nvo Prima.