Светски ден на детето

Децата се нашата иднина и среќа. Треба добро да се грижиме за нив со цел да создадеме подобар свет за живеење за нас, за нив, и за сите други. Денес – 20 ноември – е Светски ден на детето за да им се оддаде почит на децата на глобално ниво. Беше прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1954 година, а формиран со цел да ги охрабри сите земји да воведат ден, прво за да промовираат меѓусебна размена и разбирање меѓу децата, а второ да се иницира акција за бенефиција и промоција на благосостојбата на децата во светот. На 20 ноември 1959 година Обединетите нации ја усвоија Декларацијата за правата на детето. На истиот датум во 1989 година Обединетите нации ја усвоија Конвенцијата за правата на детето. Волонтерски Центар Скопје ги поддржува организациите кои работат со деца со различна позадина како Здружението за Заштита на правата на детето преку помагање при реализација на нивните работилници во Дневниот центар за деца од улица, како и Центарот за социјални иницијативи “Надеж”, и двете лоцирани во Шуто Оризари. Исто така, како член на Коалицијата на младински организации СЕГА, бевме дел од нивниот проект “Алтернативен извештај за почитување на правата на децата во Македонија”, спроведен во рамките и во координација со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Ги потсетуваме сите возрасни дека децата се ранлива група во општеството. Имаат потреба од посебна грижа и помош од страна на возрасните. Тие се рамноправни членови на секое семејство и имаат свои права кои треба да се почитуваат.