Здраво, јас сум Еми, 23-годишна девојка од Финска. Живеам во градот Јиваскила во срцето на Финска, но потекнувам од мало место во источниот дел на земјата. Неодамна дипломирав на Универзитет за општествени науки со социјална работа како моја специјалност и потоа започнав магистерски студии. Како личност, исклучително сум заинтересирана за социјални теми и стремам кон поправеден и еднаков свет. Ја сакам и зимата, спортот, природата, готвењето, добро вино и длабоки разговори.
Растејќи, развив силен ентузијазам за истражување на светот и запознавање луѓе од различно потекло. Се сметам себеси за многу среќна што имам можности да бидам во поинакви средини каде ми се отвораат нови перспективи. Можеби е клише, но искрено мислам дека патувањата и луѓето што ги сретнав патем беа моите најдобри учители.
Постои одредено чувство на непознато и излегување од вашата удобна зона што го прави човекот да се соочи со својата несигурност. На почетокот тоа може да биде непријатно, но на крајот може да се претворе во прекрасно тло за личен развој.
Па, што друго ме донесе тука, освен мојот ентузијазам да истражувам? Се чувствував многу немотивирано кога се во прашање моите студии и тоа ме мачеше подолго време. Освен тоа, не сум сигурна во која насока сакам да оди мојот живот. Имав испланирано студентска размена за оваа пролет која, очекувано, беше откажана поради пандемијата. Се најдов во ситуација кога навистина ми требаше пауза од студиите, но немав визија што треба да направам.
Волонтерски Центар Скопје и овој проект ми се чинеа како одговор на моите желби да направам пауза, односно да направам нешто креативно и сосема поинакво од моето вообичаено секојдневие. Така, ја напуштив работата со скратено работно време, не се пријавив на ниту едни факултетски курсеви и ги спакував куферите. И сега сум тука во Македонија, желна да го добијам искуството што ми е понудено.
Ова е мојот трет ден во Македонија и планирам да останам тука во следните два месеца за да работам во „Воисес“, како и да волонтирам во другите активности во ВЦС. Јас сум нова тука и „изгубена“, но срцето ми е полно со радост поради
топлото добредојде и вниманието што го добив. Секако дека малку сум исплашена, но уште повеќе сум возбудена поради периодот што ми претстои. Па, сите вие што го читате ова, држете ги палците за мене! Ви посакувам убав ден со многу насмевки. Бидете подалеку од вирусот! Ве гушкам!
Еми Рисанен