Во следните седум дена, Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Скопје ќе заживее во вистинска смисла на зборот и ќе заличи на она во што треба да прерасне – Младински Центар.
Во периодот од 6 до 13 мај годинава, Волонтерски Центар Скопје во соработка со Општина Кисела Вода ќе го спроведе семинарот за проектот: „Соседство на младинските центри во Европа“. Станува збор за проект од програмата „Еразмус+“ на Европската комисија преку белгиската Национална Агенција, при што ќе присуствуваат триесетина младински работници и претставници на општини од осум европски држави: Македонија, Германија, Белгија, Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во рамките на овој проект ќе организираме три поголеми настани што ќе бидат отворени за сите добронамерници.
Почнуваме на 9 мај (понеделник) кога ќе организираме изложба по повод одбележување на Денот на Европа. Преку оваа изложба на ликовни дела, ВЦС им дава можност на младите уметници да ги изложат своите дела од полето на дигитална уметност на тема „Младите и волонтирањето во заедницата“. Паралелно со изложбата пред Домот на културата ќе бидат поставени штандови каде учесниците на семинарот ќе ја претстават својата земја, храна и култура.
Во среда на 11 мај ќе бидеме домаќини на панел-дискусијата на тема: „Институционалната поддршка како клуч за младинскиот развој“, каде ќе се разговара за потребата од отворање Младински центри, како и од почитување на Законот за млади. На конференцијата (11 – 15 часот) ќе зборуваат градоначалниците на Општина Кисела Вода и на Град Скопје, директорите на Волонтерски Центар Скопје, Коалицијата за младински организации СЕГА, Националната агенција на Европски образовни програми и мобилност, како и претставници на делегацијата на ЕУ во Македонија, на македонското Собрание и на Сојузот за младинска работа.
Третиот настан (четврток, 12 мај, 17 часот) е одлична можност за активно вклучување на целата заедница во менување преку концептот „SOUP”. Станува збор за модел што пред неколку години започна да се применува во Детроит, САД, а сега се практикува во речиси 200 града низ светот. Сега и Скопје ќе стане дел од оваа мрежа.
Преку симболичен надомест од 100 денари, добиваме шанса да се запознаеме, дружиме, размениме мислења, идеи и сугестии како да ја подобриме заедницата. Најмалку двајца, а најмногу четворица говорници (претходно селектирани преку јавниот повик што го објавивме минатата недела) ги презентираат своите идеи преку четириминутно излагање. По завршувањето, следува гласање при што оној што ќе добие најмногу гласови е победник и ги добива сите пари од влезниците што ќе му бидат од голема помош при реализирањето на идејата. Додека трае сето тоа, присутните добиваат супа, односно чорба во нашиот случај, но уште поважно: добиваат чувство на припадност со заедницата.
Наша цел е да создадеме заедница на поддршка, со тоа што луѓето ќе донираат и гласаат за проект кој ќе се финансира. На овој начин финансираниот проект веќе има семе засадено во заедницата и стекнат интерес од можни клиенти/корисници да бидат вклучени во исходот на проектот. Заедницата ќе добие свест за идеите на локалните претприемачи, а самите претприемачи ќе имаат можност да ја тестираат нивната идеја, да се види дали има пазар за нивниот предлог.
Се пронајдовте во некој од нашите настани? Ве очекуваме!