You are currently viewing Два месеца во Скопје: Во потрага по знаење, искуство и личен развој

Два месеца во Скопје: Во потрага по знаење, искуство и личен развој

Двајца млади, полни со енергија и амбициозни студенти за стручно образование и обука (VET) од Шпанија, пристигнаа во Скопје пред неколку дена. Запознајте ги Лаура и Феран, кои ќе минат два месеца во Скопје за да стекнат практична работа во нашиот прекрасен град. Тие ќе бидат ангажирани во активностите на ВЦС, како и на нашите партнерски организации.

Лаура, 21

Здраво! Моето име е Лаура и доаѓам од Барселона, Каталонија, поточно од Монтмело каде се наоѓа патеката за Формула 1. Студирам виш степен на Социокултурна и туристичка анимација, а пред тоа студирав грижа за луѓе со зависности.

Моето доаѓање во Македонија се случи одненадеж – морам да признаам. Сепак, мислам дека дојдов во многу добро и пријатно место. Моите први впечатоци за Македонија? Зградите се сосема различни од оние во Барселона, а добредојдето што ни го приредија волонтерите ни дојде како поттик со енергија и мотивација да го започнеме нашиот „Еразмус“ со силен ентузијазам.

Една од првите работи што ги направив откако дојдов е да го видам пиратскиот брод на Кејот од реката Вардар. Ја сакам пиратската култура. Она што најмногу сакам е да слушам музика во живо. Ги сакам повеќето различни музички правци. Исто така, сакам да свирам шпанска гитара, да нуркам во морето, да одам во природа и да уживам „ден за ден“. Кога бев помлада, настапував во Батукада, поточно на Сурдо, голем тапан кој звучи како бас.

Лично, дел сум од разни асоцијации и волонтирав со деца со посебни потреби, како и од оние со ризик од социјална исклученост. Јас, исто така, приредувам и огномети. Во Каталонија ги викаме “els diables” (ѓаволштини) и се состојат од играње во демонски костум со огномет.

Еден од предизвиците овде е да ја запознаам културата, најпознатите места, кујната и луѓето. И мислам дека ВЦС ќе ни помогне со сето она што ни е потребно, дури и повеќе.

Феран, 18

Здраво! Моето име е Феран и имам 18 години. Живеам во Матадепера, мало селце на 30 минути од Барселона. Студирам виш степен на Социо-културна и туристичка анимација. Дојдов во Македонија со мојата соученичка Лаура, во потрага во знаење, искуство и личен развој. Но прво би сакал да ме запознаете.

Се сметам себеси за амбициозен млад човек, полн со енергија, со намера да учи и да проба нови работи. Неодамна сфатив дека излегувањето од моја зона на удобност е најдобриот начин да научам и да станам зрел. Тоа е една од главните причини зошто ја прифатив оваа авантура. Во слободното време уживам во слушање музика, танцување, читање, медитација и што е најважно – во спортување. Вежбам „калистеника“ (вежби со сопствена тежина), што е многу слично на гимнастика. Исто така, вежбам балет и воздушни движења на трапез. Може да се каже дека внесов нова навика во животот што ми дава нов предизвик секој ден.

Доаѓањето во Македонија го сметам како еден од најголемите предизвици засега, каде мојот инстинкт и интуиција надвладуваат над интелектот, на начин каде сум посвесен за околината, ориентација, му верувам на „шестото сетило“ и на внатрешниот глас. Македонија ми разбуди нови чувства и сензитиви што порано не сум ги почувствувал.

Што се однесува до првиот впечаток, морам да кажам дека сум воодушевен. Луѓето овде се многу фини и внимателни на многу начини. Волонтерите од ВЦС нѐ пречекаа на многу пријателски начин, со прошетки наоколу и направија да се чувствуваме како дома. Толку многу работи се случуваат за толку кратко време. Ова е искуство какво што се добива само еднаш во животот и многу сум среќен и благодарен што сум дел од тоа.