You are currently viewing Тренинг курс во Драч – Албанија. Младите и волонтерството

Тренинг курс во Драч – Албанија. Младите и волонтерството

Од 2 до 11 октомври се одржа тренинг курс во Драч – Албанија со работен наслов “Volunteering connecting communities / VCC” организиран од Beyond Barriers. Овој тренинг курс е дел од четвртата активност на проектот, обука на младинските работници за волонтерскиот менаџерски циклус. Главната цел на обуката е поддржување на професионалниот развој на младинските работници и младинските лидери кои работат со волонтери, потикнување на нивното критичко разбирање за волонтерството и учество на младите како активни граѓани во секоја локална заедница. Препознавање и зајакнување на потенцијалот на учесниците овозможувајќи им да го препознаат и интегрираат структурираниот волонтеризам и другите форми на младинско учество во нивната младинска работа, подобрување на компетенциите на младинските работници за тоа како да работат со структурирана волонтерска техника и нејзините елементи и информирање за можностите и програмите што ги нудат ЕК и други донатори со цел за оспособување на младите да преземаат активности во секојдневната работа. Покрај нас како преставници од Волонтерски Центар Скопје – Македонија учествуваа и организации од Србија, Босна и Херцеговина, Романија, и домаќинот Албанија.

Тренингот се одржуваше во местото Голем, десетина километри од Драч, во хотел на преубавото морско крајбрежје.

Првиот ден беше слободен и беше искористен за меѓусебно запознавање со другите учесници. Вториот ден почна работниот дел каде што на почетокот беа преставени целите и очекувањата на проектот, како и распоредот на активностите во наредниот период. Наредните денови следеше интензивен тренинг и обука каде што бевме запознаени со алатки и методи за зајакнување на нашите капацитети како младински работници, како и практични примери и модели за организирање на работата во нашите организации. Ни беше презентиран менаџерскиот циклус за волонтирање кој детално го изучувавме чекор по чекор. Често работевме во мали мешани групи каде што разменувавме различни идеи и искуства, но и во рамките на нашиот национален тим каде што имавме за задача да креираме конкретен проект и план на активности.

Вечерите беа резервирани за преставување на своите земји со кратка презентација, традиционална музика, производи и храна.

Домаќините ни организираа патувања во Драч и главниот град Тирана каде што имавме можност да се запознаеме со традиционалната архитектура и знаменитостите од двата града. За мене беше посебно интересен контрастот помеѓу старото и новото во Тирана, споен на чудесен начин што му дава посебен шарм на овој преубав албански град. Го посетивме музејот на бункерите, пиевме кафе на главниот плоштад Скендер Бег, го посетивме квартот Блок кој во ерата на комунизмот бил ексклузивна населба резервирана само за членовите на Албанското политбиро, а забранета за останатите жители и многу други интересни места. Секако направивме и многу фотографии.

Последниот ден беше одржана евалуација на обуката и церемонија за доделување на Youthpass сертификатите, со што заврши работниот дел од проектот.

Ова беше корисно искуство во кое имаше многу работа и учење, но и многу дружење и забава, а организаторите се погрижија сѐ да биде во најдобар ред, секогаш беа тука за нас и придонесоа за успешноста на проектот.

„Курсот за обука за структурирано волонтерство е дефинитивно еден од најангажиран ТК на кој сум присуствувал. Обучувачите Ана Дервиши и Ирена Топали, со својот ревносен пристап, за само 8 дена, ме опремија со тони вештини и знаење како да развијам од нула и да одржувам волонтерски иницијативи на различни нивоа. Во секое време, се чувствував како да присуствувам на ТЕД разговорите. Мојот заклучок е дека извонредните лидерски и менаџерски вештини се клучни елементи во успешните доброволни програми кои градат позитивно социјално влијание и просперитет меѓу заедниците“. – Дарио Королија, учесник и младински активист.

Јосип Гегај