You are currently viewing Отвораме нови врати преку медиумската писменост

Отвораме нови врати преку медиумската писменост

Живееме во динамичен свет во кој промените, настаните и новостите се случуваат со екстремна брзина. Ние сме генерација на промени, генерација на дигитализација и технологија. За многумина, ние сме само млади луѓе кои се опседнати со екрани. Но дали сме поединци, група или генерации кои живеат во онлајн свет? Дали всушност можеме да воведеме промени, преку користење на овој наш виртуелен свет? Во период на пандемија, кога прегратките и бакнежите се строго забранети и кога светот започна да ги гледа придобивките од технологијата, ние, група осум млади луѓе решивме да дознаеме нешто повеќе за медиумската писменост и отпатувавме во Коџаели, Турција за да бидеме дел од младинска размена.

‘Are you Media Literate? Yes!’ е името на седумдневната младинска размена, во која учество зедоа пет држави, меѓу кои и Македонија. Како што напоменува и самото име, целта на оваа младинска размена беше да се стекнеме со знаења од областа на медиумската писменост. Дискусиите ги започнавме со прашања поврзани со програмата Еразмус+ и придобивките од истата, разликите помеѓу младинска размена и тренинг курсеви, долгорочни и краткорочни ЕВС проекти итн. Како тим, имавме можност да презентираме за значењето на сертификатот Youthpass и за што сè можеме да го искористиме. Имавме голема дискусија за формална и неформална едукација, што всушност ги вклучува и моменталните онлајн предавања. Пишувавме артикли на овие теми, а потоа ги едитиравме во софтверот Canva. Една од темите на дискусија беше и „Медиумите во мојата држава“, која нè засегна сите, особено сега, кога најголем број од медиумите шират новости за коронавирусот. „Што се тоа лажни вести и како да ги препознаеме?“ беше едно од прашањата на оваа младинска размена. Вршевме анализа на медиумските пораки, начинот на нивно создавање, техниките кои ги користат медиумите со цел да го привлечат вниманието на публиката, вредностите на медиумските пораки и различните толкувања на медиумската порака од страна на различни групи луѓе. Говорот на омраза како тема во модерните општества предизвика бура на идеи, мислења и ставови од страна на голем број учесници на овој проект. „Дали различните религии се причина за говорот на омраза или станува збор за лични искуства кои ги тераат одредени поединци да преземаат вакви постапки?“ се дел од прашањата кои ги подготвивме за дискусијата на тема „Говорот на омраза преку социјалните медиуми“. Размислувавме на тема „Активностите на невладините волонтерски организации пред и по пандемијата“ и направивме видео за да ги доловиме новонастанатите промени. Реченицата „Една слика вреди илјада зборови“ се покажа како точна и во овој случај. Имено, фотографиите и другите визуелни и аудитивни елементи се фактори од кои зависи дали одредена медиумска порака ќе биде популарна меѓу публиката. Освен дискусиите за медиумска писменост, имавме можност да се запознаеме со различните култури, традиции и обичаи, да играме традиционални танци и да пробаме традиционална храна. Атмосферата секогаш беше на високо ниво, дури и за време на дискусиите, а сето тоа поради забавните енергетски активности на почетокот на секоја сесија.

Поминавме седум прекрасни денови исполнети со ентузијазам, оптимизам и благосостојба кои засекогаш ќе останат во нашите сеќавања. Во време-невреме, успеавме да останеме позитивни и ведри и да уживаме во убавините на животот. Сфативме дека од самите нас зависи каков живот ќе живееме и дека е потребно да избегнуваме лажни вести кои само носат стрес и заблуда. Сакам да ја завршам оваа репортажа со една убава мисла: „Да читаме, пишуваме, да ги анализираме и проценуваме медиумските информации кои ги конзумираме секојдневно и да не дозволиме да бидеме изманипулирани. Да бидеме свои, а сепак медиумски образовани!“

Јована Стојческа
Фотографија: Фуркан Јилдиз