You are currently viewing „Мисли зелено“ за да го избегнеш „Кошмарот“

„Мисли зелено“ за да го избегнеш „Кошмарот“

Ученици од средното техничко училиште „Гостивар“, на свој терен дома го применија она што го научија од обуките во Грција.
Две групи ученици од училиштето, како претставници на Волонтерски Центар Скопје, учествуваа на две обуки посветени на климатските промени преку проекти од програмата „Еразмус+“. Седум ученици беа дел од обуката во рамките на проектот „Think Green“, со уште четириесет други врсници во кампот „Ниси“ во Рачес Фтиотидос, Грција, од 21 септември до 2 октомври. Претходно, група од шест ученици од 7 септември до 19 учествуваше во проектот „Nightmare“ на истото место во Грција.

Обуките на двата проекта обединija сериозен дел од европскaта младина од Турција, Грција, Бугарија, Чешка, Италија, Литванија, Србија, Хрватска и од Романија како едно и под иста етика и вредности кои барем ќе гарантираат дека секогаш ќе има бран на одговорни и активни луѓе кои нема да дозволат уништување на мајката природа, живеејќи во одржлива и здрава животна средина.
Главната цел на двата проекти беше да се подигне свеста кај младите за ефектите од климатските промени и глобалното затоплување и нивно намалување. По враќањето учесниците преку разговор ги споделија своите впечатоци од двата обуки.

„Ние сме група мотивирани ученици кои сакаат да ја обезбедат иднината на нашата планета. Секој треба да придонесе, да помогне да се спречи глобалното затоплување. Запирањето е во наши раце, затоа ги здруживме рацете против климатските промени, користејќи ги методите што ги научивме на обуките. Го кренавме знамето за акција и мора да се грижиме за нашата иднина. Она што го научивме од проектот веднаш го применивме во нашиот град Гостивар. Организиравме акција за собирање отпадоци и пластична амбалажа кои ги предадовме на рециклирање и одржавме презентација за проектот во нашето училиште, каде ги споделивме искуствата од проектите со нашите соученици. Ова е само мал чекор за подигање на свеста кај граѓаните на нашиот град и ќе продолжиме понатаму со нови еко-акции. Презадоволни сме од обуката и организацијата, како и од фасилитаторите и од Волонтерски Центар Скопје, благодарни сме им за прекрасните незаборавни искуства и за стекнатите нови пријателства од земјите учеснички“ – рекоа учесниците.

Покрај методите за справување со климатскиот феномен, овие ученици за време на престојот во кампот имаа можност да научат повеќе за темата, и да учествуваат во серија работилници за да знаат како да се справат во слични ситуации и да најдат решенија. Стекнаа добри и корисни навики како чистење и собирање отпадоци на плажите, одржување на чиста животна средина, подготвување храна, но и спортуваа, а истовремено се забавуваа. За време на обуките беа организирани интеркултурни вечери каде секоја земја имаше своја презентација. Нашите учесници успешно ја промовираа нашата земја со презентација на нашите убавини, со храна од македонски производи и со народни ора. Покрај главениот организатор на обуката, Едукативната организација „Sharp Minds“ од Грција, партнер беше и Волонтерски Центар Скопје.