Ова е една кратка приказна за искуството на едно „возрасно дете“ кое конечно се впушти во една авантура, која значително му ја подобри перцепцијата кон важноста за подигањето на ЕКО-свесноста во работата со млади луѓе за да се развие искрена љубов и одржливост кон сето она што значи живот.
Без преголемо одолговлекување, само со нагласување на неверојатната можност која ја нуди програмата „ЕРАЗМУС+“ преку проектите за лично надградување и за меѓународна размена на идеи и гледишта, би сакал да ја започнам мојата приказна со изразување на огромна благодарност до Волонтерски Центар Скопје, кој го овозможи моето учество на проектот: „Get Eco, stay Friendly“ во Литванија од 28.04 – 06.05.2022 година и ми пружи безрезервна доверба и поддршка низ целиот процес.
Земањето учество во овој проект, за мене лично имаше големо значење од повеќе аспекти, а на крајот од денот резултираше со отворање на нови перспективи за разбирање на нештата. Па така, за да не бидам предолг и конфузен, одлучив да срочам се во четири сегменти кои достојно ги опфаќаат најзначајните моменти од проектот.
Како прв сегмент кој сакам да го истакнам, е „тајната задача“ што си ја поставив како предизвик, или во одредена мера и ми беше зададена, успешно да го спроведам македонскиот тим во проектот, почнувајќи од Скопје до Анталиепте, местото каде се одржа проектот. Чувството да се биде надвор во отворениот свет повторно, скитајќи по патиштата, по еден релативно голем временски „хиатус“ предизвикан од пандемијата, беше навистина фантастично и многу добредојдено. Но, за разлика од моите бројни соло патувања, сега имав задача, со исклучок на тим лидерот Андреј, кој пристигна малку порано од останатите, бидејќи воедно беше и член на жирито, е да го организирам и реализирам патувањето и престојот на тимот до нашата дестинација и назад дома…
Тимот беше составен од три исклучително „кул“ средношколки, Мила М., Душица и Мила С. кои гордо го представија градот Свети Николе, од каде и доаѓаат, нашиот тим лидер, Андреј, и јас, Петар, „возрасното дете“ 😉. Таквиот состав на тимот некако сам ја наметна и единствената логичност во поглед на земањето на потполната одговорност при патувањето од моја страна.
За време на патувањето до проектот во Литванија, не само што добив можност, барем за момент да се вратам во времето и да ги доживеам моите средношколски денови преку прекрасните разговори со моите тимски колешки, туку и се поврзавме на начин што го натера секој од нас да го даде својот максимум во текот на проектот.
Бидејќи тимската хемија е предуслов на секој успешен тим, ние само го задржавме моментумот кој се создаде на патувањето и од задача во задача успеавме да ја претставиме нашата земја на многу респектабилен и достоинствен начин.
Откако успешно се спуштивме во Каунас и успеавме супер брзо да ги фатиме сите автобуски линии кои поврзуваа со Анталиепте, стигнавме!
Проектот започна и на почетокот природно се задржавме на себе додека не се запознавме со другите учесници.
Навистина уживав што ја задржав улогата на „голем брат“ во текот на целиот проект затоа што ме натера да ја почувствувам важноста од одговорноста и точноста кога станува збор за работа со млади луѓе. Ова ми дојде во совршен момент затоа што се стремам да добијам наставничка позиција во македонскиот образовен систем. Тука морам да бидам реален и самокритичен, во неколку наврати можев да одберам и подобри начини за да ги поставам работите, но брзо го увидов тоа и генерално чувствувам дека направив навистина добра работа. И научив нови работи, но и дефинитивно ги изострив моите вештини за во иднина.
Што се однесува до девојките, во многу наврати јасно кажаа дека си поминале прекрасно и дека за нив тоа е првото интеркултурно искуство со ваква динамика досега. Подоцна, со дискусиите поврзани со проектот сватив дека културолошкиот шок и темелноста на многуте активности, кои беа толку нагласени и поврзани со главната тема, направија огромен напредок во начинот на нивното размислување и едноставното процесирање на убавините на животот.
Така, кога Душица рече дека ова е прво, а сепак незаборавно искуство, а подоцна додаде: „Денови полни со смеа и прекрасни луѓе кои зрачат со позитивна енергија. Имаше толку многу да се зборува и направи на самата тема, па тоа го направивме преку дебати, акции итн. Тотално ми се допаднаа сите акции и целото време што го поминавме надвор, во природа. Прекрасна земја во која се споија многу култури и мислења на многу различни луѓе“. Мила М. продолжи со „Поминав навистина прекрасно. Запознав многу луѓе кои беа толку убави и полни со позитивна енергија.Темата на проектот беше одлична и многу ми се допаднаа активностите. Ми недостигаат луѓето и местото каде што бевме. Сега имам различни позитивни перцепции, за екологијата и за животот“. И да завршам со изјавата на Мила С. Дека: „Во секоја смисла беше одлично. Прекрасно искуство кое ќе ни остане во сеќавање од нашите тинејџерски години. Различни култури, религии, националности обединети во едно. Многу млади луѓе подготвени за промени. Секојдневно со различни дебати и акции доаѓавме до целта на проектот. А целта е: Ајде сите заедно да и помогнеме на планетата Земја, бидејќи таа е наша, една и единствена. Се додека живееме така, иднината е светла! ПОДАДЕТЕ РАКА – НА ПЛАНЕТАТА И ТРЕБА ПОМОШ“.
Од нивните изјави заклучокот мој е дека дека крајната цел е постигната. Виталниот аспект на проектот и единствениот мотив беше да се подигне свесноста и да се поттикне духот на самопочит и грижа за себе преку грижа за планетата, најпрвин кај учесниците непосредно, а преку нив, или преку нас кај уште многу млади луѓе од нашите средини, кои се иднината. Да се подигне свесност дека мора секогаш многу одговорно и со почит да ја негуваме нашата бизарна мала карпа што ја нарекуваме дом. Исто така нескромно ќе заклучам дека заедно со многуте нови работи што лично ги научив, успеав во мојата тајна задача да ги водам и да се грижам за напредокот на моите млади колешки на патот кон осознавањето, кој и јас непрекинато го одам.
Вториот и третиот сегмент се испреплетени и одлично одат рака под рака кога станува збор за откривање на физичкиот свет насекаде околу нас. Луѓе и места. Источна Европа, Балтикот и на крајот Литванија се претставуваа како „тера инкогнита“ толку долго за мене, но не повеќе. Шансата што ја нуди програмата „ЕРАЗМУС +“ накратко да ги почувствувате, иако повеќе од доволна за да ве привлече, земјите каде што се одржуваат проектите и од каде што се сите учесници, е едноставно НЕВЕРОЈАТНА! Сега имајќи предвид дека јас сум страствен „талкач“, проектот во Литванија ме натера да сфатам колку е убава и единствена како земја. Имав можност да ги посетам Каунас, Вилнус, Зарасаи, околу педесет чекори во Латвија (😀😀) и на крајот АНТАЛИЕПТА.
Недопрените природни убавини со кои овој далечен литвански скапоцен камен за момент те заробува, заедно со локалниот патриотизам што е очигледен кај секој жител се нови видици за личност со мојот бекраунд. Нивната безусловна желба да останат присутни и да се борат против актуелните прашања на современото живеење недалеку од нивната лулка ме инспирираше во голема мера. Тие сфаќаат дека придобивките од нивната недопрена и шармантна природа, насекаде околу нив, се исклучително ретки во ова време и доба. И така, сите тие, повеќе или помалку, се сложни за соработка кон поодржлива иднина за сите. Нивниот концепт за секој да придонесе со што и да е на располагање за него, било како збир на вештини или финален производ или дури и суровина и слично, совршено се надоврзува на идејата за тоа како треба да бидат работите ако некогаш сакаме да ги реорганизираме нашите микро средини за заедничка полза во понатамошниот живот. Бидејќи сега можам да ја прецртам Литванија од списокот, не можам, а да не размислувам за сите неверојатни луѓе на кои налетав на овој проект, како учесници од другите вклучени земји.
Сега, кога станува збор за нив, прилично сум сигурен дека нема да биде доволна торба со книги напишани за нив затоа ќе го дефинирам најважнотот нето што го поврзува речиси секој од нив со мене и ги дефинира нивните улоги во мојата приказна …. Доживотни ПРИЈАТЕЛИ! Пријателство на пиедестал структуриран од ЉУБОВ, радост, ПОЧИТ, доверба, чест, благодарност, СВЕСТ, акција, инспирација, соработка, ЕКОЛОГИЈА …. „Стани ЕКО, остани ПРИЈАТЕЛ“!
„Стани ЕКО, остани ПРИЈАТЕЛ“ е совршен наслов за овој проект бидејќи мене ми изгледа како да организаторите некако да ја прекинаа константата на времето, и заминаа во иднината, ги избалансираа работите на оптимален начин и за тоа сите сме навистина благодарни.
Но да бидеме и фер, бидејќи сите сме различни со различни карактери и потреби, многу е нормално да се очекуваат неколку измешани емоции за одредени работи. Јас како прво, иако сум 100% задоволен од тоа како се одвиваа работите, се чувствував како да има потреба барем малку повеќе простор за практично искористување на сето теоретско надоградување што го стекнавме за време на дебатите. Но, можеби е само до мене и мојата предимензионирана потреба и желба за физичка активност.
Работам паметно, не напорно… е слоган кој е меѓу првите на листата на работи што ги научив и активно се обидувам да ги имплементирам во мојот секојдневен живот.
Имавме многу активности, од навистина забавни игри „да се запознаеме“ и да го скршиме мразот, гледавме едукативен филм за важноста на почвата, до стекнување на практични вештини како шиење и сл и секако, незаборавните интеркултурни ноќи. Суштинската убавина на сето тоа беше што секоја активност, па дури и секоја интеракција меѓу нас беше во духот на одржливоста и важноста на ЉУБОВТА и грижата за себе и за нашата планета. Отсекогаш, на малку нејасен начин, ја чувствував важноста за ЕКОЛОГИЈА и одржливоста, но овој проект ме натера да сфатам дека ова чувство на одговорност и несебичност е исконско, чувство кое лежи во мирување во секој човек, чувство длабоко вкоренето во сето она за кое животот зема заслуга.
Според моето прриемање на работите, сметам дека крајната цел беше со адекватни алатки за разгорување на потенцијалот за промени и добивање и одржување на вистински вредности, вистински ЗЕЛЕНИ вредности, да се охрабрат и изградат слободни мислители и безусловни љубители на ЖИВОТОТ.
Со гордост можам да кажам дека сум многу поЕКО писмен отколку пред овој проект, и полн со инспирација и желба да започнам со спроведување на промените во мојата микро средина. Спремен сум да преземам акција со цел да го подобрам јавното мислење во однос на ЕКО активизмот и суштински да ги мотивирам и поддржам младите луѓе во мојата локална област на влијание кон напорниот пат до трите Р…. РЕЦИКЛАЖА, РЕУПОТРЕВА, РЕДУКЦИЈА.
И на крај да резимирам, животот е еден, животот е ѕвезден, животот цвета наспрема сите шанси, и затоа мораме да се грижиме за себе бидејќи ЖИВОТОТ Е СКАПОЦЕН!
Петар Лунга Филиповски