Пред само два месеци имав можност да зачекорам во една оаза во вистинска смисла на зборот – канцеларијата на организацијата ОАЗА од Загреб. Канцеларија преполна со растенија и цвеќиња. Но, зошто една организација би се викала ОАЗА и би имала оаза од растенија во своите простории? Секако, случајноста не е случајна – ОАЗА Загреб е невладина организација која работи на промовирање на екологија, оддржливост, градинарство, вегетерјинаство.
Заедно со Евгенија од Македонија сме дел од ова искуство наречено 6-неделен проект – тимско волонтирање во Загреб во рамки на програмата Еверопски Солидарен Корпус.
Како дел од волонтерскиот тим составен од учесници од Италија, Грција, Франција, Турција, Германија и од Холандија, бевме вклучени во активностите од организацијата насочени кон промовирање на оддржливост, вегетеријанство и градинарство. Организацијата ОАЗА соработува со основни училишта од Загреб и од околината на хрватската метропола каде имплементиравме работилници за учениците од училиштата на различни теми како: јазик и култура, оддржливи извори на енергија, градинарство и слично, но, исто така, имавме и работилници на кои заеднички со учениците работевме во училишните градини, садевме растенија, учевме како да ги одржуваме веќе постоечките растенија во градините и слично.
Благодарение на Миле и на Јасмина од организацијата ОАЗА, научивме како да работиме во градината и како да садиме растенија, но имавме можност да научиме кои растенија се добри за нас, кои се јадливи, како да препознаеме дека едно дрво умира итн. Исто така, бевме дел од една прекрасна утринска активност – birdwatching (набљудување птици) каде што научивме нешто повеќе за птиците кои живеат во најубавиот парк во Загреб – Максимир.
И за крај, се со цел да ја испромовираме нашата волонтерска работа,младинската работа како и програмата ЕСК, јас и Евгенија имавме средба со г-дин Милаим Фетаи, Амбасадор на Македонија во Хрватска каде дискутиравме нешто повеќе во однос на тоа колку е важна младинската вклученост во заедницата.
Прекрасно искуство!
Софија Стојановска