Спортот игра важна улога во развојот на младите. Тој помага во одржување на добро физичко, емоционално и социјално здравје. Исто така, спортот помага и во борбата против дискриминација и говор на омраза.
Ова го научија Радица Стојановска, Марија Јованоска, Ангела Спасовска, Филип Ѓеорѓиевски и Ангела Рајчевска, кои, како претставници на Волонтерски центар Скопје учествуваа на младинската размена насловена “When We Play We Don’t Hate! Combating Hate Speech Through Sport”, што се одржа во Рудник, Србија, од 22 септември до 1 октомври.
На размената, покрај учесниците од Македонија, имаше учесници од Србија, Романија, Литванија и Португалија.
Споделувајќи ги искуствата од своите култури и учејќи ја суштината на темата преку секојдневните интерактивни активности што ги спроведоа организаторите на оваа размена, учесниците научија како преку спортските активности да помогнат во спречувањето на ширење на говорот на омраза.
Заедно ги открија корените, формите и последиците на говорот на омраза и тоа ги охрабри да се изборат против говорот на омраза со самото учество во спортските активности. Учесниците на размената имаа можност да учествуваат во секојдневни рекреативни планинарски тури, преку кои ги открија убавините на Рудник и дискутираа за своите идеи за создавање на спортски активности што ќе ја покренат јавната свест за борба против говорот на омраза.
Како резултат на тоа, на крајот од размената, учесниците претставија неколку спортски активности за борба против говорот на омраза.
Автор: Ангела Рајчевска