You are currently viewing Козјак ослободен од лименки и од шишиња

Козјак ослободен од лименки и од шишиња

Прекрасната природа над езерото Козјак во близина на Скопје блесна со сиот свој сјај откако во саботата неколку десетици ентузијасти го исчистија од ѓубрето и сметот што го обременуваа(т) ова излетничко место. Во три часа колку што траеше акцијата, собрани беа околу 130 вреќи со ѓубре, најмногу пластични шишиња, лименки, хартија и остатоци од храна.

Акцијата беше повеќе од успешна, но главната цел ни е да ја подигнеме свеста кај луѓето за зачувување на природата и одржување чиста околина“, вели Петар Стевановиќ, предводник на неформалната група „За почиста Македонија“.

Нивните активности се дел од проектот “European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West momentum”, организиран од Волонтерски Центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“. Во саботата, тие ги здружија силите со „I love hiking – group Macedonia“.

Речиси стотина волонтери и младински активисти дојдоа на збирното место кај Железничката станица од каде ЈСП – Скопје обезбеди бесплатен превоз до Козјак, додека камионите на ЈП „Комунална хигиена“ ги собраа вреќите со ѓубре и ги однесоа во депонија. Акцијата беше поддржана и од „Паблик рум“, „АлгаСан“, „Маја“, „Виталија“ и „Добра вода“.

За почиста Македонија“ најавуваат нови акции во следниот период.