You are currently viewing Меѓународен ден на волонтерите 2021 | Волонтирај сега за подобра заедничка иднина

Меѓународен ден на волонтерите 2021 | Волонтирај сега за подобра заедничка иднина

Драги наши партнери, волонтери, пријатели, соработници…

Декември е месецот што означува крај на годината, но за нас е почеток на активностите со кои го промовираме волонтерството, придобивките и можностите што ги нуди(ме). А, во декември го славиме нашиот роденден, па ред е да го одбележиме како што доликува.

Во недела (5 декември) е Меѓународниот ден на волонтерите и нашиот 15 роденден. Дојдовме на идеја да го споиме дружењето, но и да направиме нешто корисно за животната средина и да им помогнеме на децата од улица и на ранливите категории.

Па, побаравме и добивме поддршка од Општина Кисела Вода и од нашите партнери од „За почиста Македонија“. Се собираме во 11 часот во Домот на култура во паркот спроти кулите Расадник во Кисела Вода и тука ќе собираме донации од облека и храна за децата од улица во Шуто Оризари и за социјално-загрозените семејства во Кисела Вода.

Со топол чај ќе им го приближиме волонтерството на граѓаните и ќе ги поканиме да ни се придружат во менувањето на општеството кон подобро. Ќе им ги претставиме нашите домашни и странски волонтери, а на младите ќе им ги претставите можностите што им се нудат преку програмата „Ерасмус+“, проектите и другите активности што ги спроведуваме. Овој објект со децении за граѓаните од соседството беше повеќе од обична „месна заедница“ или кино-сала. Домот заслужува повторно да светне и пак да биде собиралиште на идеи и на позитивна енергија.

Истовремено, здружено со „За почиста Македонија“ и со човечките ресурси и механизацијата на Општина Кисела Вода ќе го зачистиме Расадник и ќе му ја избришеме прашината на местото што важи за едно од најголемите зелени површини во градот.

Во четврток на 9 декември продолжуваме со промоција на волонтерството и нашите активности во комплексот-факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во лобито на Правниот, Економскиот и на Филолошкиот факултет ќе бидеме од 11 до 13 часот. Студентите се најпрогресивниот дел од нашето општество и токму затоа е важно тие поактивно да се вклучат во процесите, да го развијат својот личен капацитет со што бенефит ќе имаме сите во целина.

Тоа ќе биде една од темите на панел-дискусијата што ќе ја водиме на 20 декември (понеделник) од 15 до 17 часот во седиштето на Делегацијата на Европската унија во Македонија. Работниот наслов на сесијата ќе биде: „Влијанието на меѓународните проекти за волонтирање во локалните заедници“, а дискусијата ќе даде простор на поранешни и тековни волонтери, експерти, но и претставници на меѓународни институции да ги престават нивните перспективи и видувања на волонтерството во контекст на меѓународно волонтирање како клучна алатка за меѓукултурно учење и промоција на Европски вредности.

Во пресрет на празниците ќе одиме во порелаксиран ритам, ќе организираме „жива библиотека“. Сакате да дознаете што е тоа? Дојдете и ќе видите. Ќе ве известиме за точното време и место.

Придружете ни се во сите активности сега, но и после. Волонтерите не се платени не затоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети!