Да се биде волонтер значи да се работи доброволно или бесплатно за лично усовршување. Еве зошто и јас се решив на тој чекор. Решив да се запознаам подобро себеси и да излезам од мојата комфорна зона, затоа заминав да волонтирам во Анталија.
Мојата главна задача како волонтер беше да им помагам на деца од 6 до 8-годишна возраст полесно да го совладаат англискиот јазик. Чуството беше неверојатно. Речиси секој ден ги гледав насмевнатите и енергични деца, кои со нетрпение очекуваат да дојде часот по англиски јазик за да дојде нивната омилена учителка, како што велеа самите. Како поминуваше времето, кај нив се повеќе и повеќе се појавуваше љубопитноста за јазикот, а јас секојдневно се приврзував повеќе кон нив. На почетокот имав малку страв, не знаев како ќе справам со таа задача, се плашев дека може да дојде до ситуација во која нема да можам да им го свртам вниманието на децата. Но, во мојот случај се случи спротивното, па негативните мисли останаа само во мојата глава. Децата уште од првиот ден беа моите ученици од соништата, послушни и заинтересирани, токму такви какви што сакав. Времето поминато со нив навистина минуваше многу брзо. Наместо да трошев енергија со нив, јас се враќав дома поенергична отколку што сум тргнала. Нивните насмевки и позитивизам не можат да остават никој рамнодушен. Но, за жал секоја убава приказна си има и свој крај. Никогаш нема да го заборавам денот кога го имавме нашиот последен час, сите навистина бевме многу тажни што нема да се гледаме повеќе. Сепак, додека престојував во Анталија многу често ми се случуваше на улица да сретнам некои од моите ученици.
Во текот на моето волонтерство во Турција учествував и на обуки организирани од Националната турска агенција. Најголем впечаток ми остави обуката во Измир. За него слушнав случајно од мојата координаторка, па си реков зошто да не аплицирам. Додека ја пополнував апликацијата – видов дека имаат високи критериуми за учесниците, ама сепак имав надеж дека ќе бидам од селектираните учесници. Помина две недели, јас го добив долгоочекуваниот мејл дека од 270 кандидати има место само за 30, а потоа ја прочитав реченицата: ,,Честитки, вие сте селектиран учесник”. Чуството беше навистина неописливо, се чуствував многу посебно. Темата на тренингот беше: ,,Млади претприемачи”. Научив дека доколку некој млад има бизнис идеа – може да ја реализира со помош на Европска програма за размена на бизниси – Еразмус за млади претприемачи. Во текот на оваа седмица имаше различни чувства и емоции. За два дена да стекнеш повеќе од 30 нови пријателства е навистина прекрасно, но, за жал, кога дојде денот да си кажеме ,,довидување” – се појавија и тажни чувства, бидејќи на сите ни беше јасно дека е невозможно на едно исто место во едно исто време да се сретнеме сите заедно. Но, сепак, нашето пријателство ќе остане вечно и знаеме дека дел од нас ќе се сретнеме повторно на некое место, можеби и тогаш кога најмалку очекуваме.
Мој совет до сите млади е барем еднаш во животот да се обидат да бидат волонтери, бидејќи чуството навистина е неверојатно. Се надевам дека успеав во овој текст да опишам барем еден мал дел од моите чуства што ги доживеав за време на моето волонтерство во Турција. Секако, ги опишав само највпечатливите моменти и најемотивните чувства, бидејќи ако треба да ги опишам сите мои чувства – може слободна да напишам роман. Чувствата што се доживуваат кога си волонтер не можат лесно да се опишат, туку можат само да се доживеат.
Магдалена Миленковска
Фотографии:
Магдалена Миленковска
Ефе Ефеоглу