You are currently viewing Среќен 15 роденден, ВЦС: Домот на волонтерството

Среќен 15 роденден, ВЦС: Домот на волонтерството

Разговор со Никола Станкоски, директор на Волонтерски Центар Скопје

Кога во летото 2004 година замина на едногодишен престој во Литванија преку програмата „Европски волонтерски сервис“ (ЕВС), тогаш 19-годишниот Никола Станкоски веројатно не можел да претпостави дека тоа засекогаш ќе му го смени животот. Желбата да се открие нешто ново, инспирацијата да овозможи учество во Европски Програми за преку неформално учење на млади од Македонија, како и достапност на можности за проширување на личните хоризонти, води до основање на Волонтерски Центар Скопје веднаш по неговото враќање во земјава во 2005 година. Петнаесетина години подоцна, ВЦС е една од водечките невладини организации во Македонија кога е во прашање младинската размена, волонтеризмот, активизам, препознатлив бренд и доверлив партнер преку кој минале над 10.000 домашни и странски волонтери и младински активисти.

На 5 Декември – кога е меѓународниот ден на волонтерите, ВЦС одбележува 15 години постоење. Тоа е датумот кога се роди идејата за ВЦС, иако формално е регистриран на 15 март 2006 година.

Веројатно пресудно за формирањето на ВЦС беше мојот волонтерски престој во ’Center of Youth Voluntary Activities Deineta’ на разни проекти, но акцентот беше во Центарот на Црвениот крст за емиграција и ресоцијализација на бегалците во литванското село Рукла, каде имаше лица на разна возраст, пред се од Чеченија, Ирак и од Иран. Ме водеше желбата да одам напред, да ги разбијам фрустрациите дека живееме во земја од ’третиот свет’. Тоа беше 2004 година, европските граници за македонските државјани се уште не беа отворени, а Литванија туку што стана дел од Европската унија. Очекував да видам поинаков свет од оној што го знаев. И видов, но исто така, ми се случи двоен ефект, бидејќи во центарот запознав и луѓе што доаѓаа од многу полоши места, со потешки судбини и потажни приказни, кои го ставиле својот живот во една торба и тргнале во надеж за подобро утре. Тоа што секојдневно го гледав, ми помогна да созреам како личност и да сфатам оти сакам да им помогнам на младите од Македонија да напредуваат, да излезат од апатијата што ја чувствуваат, да отидат надвор, да го засилат чувството на припадност, да се вратат и да ги променат нештата околу себе“, се присетува Станкоски.

Тој беше дел од неколкумината Македонци што ја искусија „ЕВС“ програмата на Европската комисија што во следните години ќе стане една од најпрепознатливите и омилена алатка на младите од целиот свет.

Таа прва генерација волонтери што замина во странство и ден-денеска е активна во младинскиот живот. Со дел од нив ја основавме ВЦС. На почетокот малкумина знаеја што е ’ЕВС’, а на многумина не им беше јасно како тоа ти е платен патот и престојот во некоја европска земја, добиваш и надоместок, а за возврат треба ’само’ да помагаш. Работевме силно и посветено, па интересот за испраќање волонтери во странство, како и за примање странски волонтери во Македонија беше огромен. Првата година ни дојдоа десетмина волонтери од странство (претежно од Литванија, Франција и од Холандија), а во обратен правец испративме триесет млади Македонци. Тоа беше огромна промоција на нашата идеја за градење на капацитетите на младите луѓе врз принципот на локално и меѓународно искуство преку принципот ’learning by doing’“, вели првиот човек на ВЦС.

Првите поголеми активности на организацијата беа промоција преку разни локални активности, еколошки акции, хуманитарни настани (во 2007 година беше одржан првиот голем настан со концерт во Домот на АРМ за помош на децата од Домот ’11 Октомври’), а волонтерите од ВЦС уште од самиот почеток секојдневно помагаа во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, како и во разни проекти со локалните самоуправи со што се етаблира како активен чинител во креирањето младински политики.

Но, на младите им беше потребен еден проект преку кој нивниот глас најбргу ќе се чуе, а притоа ќе ги спои младите во една интеркултурна и мултиетничка средина. Така се раѓа идејата за создавањето на младинскиот магазин „Воисес“ во 2006 година.

Со кариерниот центар во средното училиште ’Д-р Панче Караѓозов’ размислуваме како да го креираме првиот проект врз основа на кој ќе бидеме акредитирани да примаме волонтери од странство или како што се нарекува тоа: ’Host expression of interests’ – Хеи. Сакавме млади новинари, активисти и волонтери бргу да пренесат ’гласови’ за разбивање на стереотипите, предрасудите и тензиите на етничка основа што тогаш беа активни меѓу младите. Така дојдовме до ’Воисес“. Магазинот кратко време беше поддржан и од Агенцијата за млади и спорт, а потоа стана и е целосна одговорност, обврска и задоволство на ВЦС. Списанието во изминатите 14 години прерасна во исклучително квалитетен производ, во кој стотици и стотици млади волонтери научија да пишуваат и да размислуваат новинарски, да дизајнираат, да ги подобрат своите јазични способности, да научат тимска работа во интеркултурна средина и да креираат јавно мислење“, вели Станкоски.

Како што се развиваше Волонтерски Центар Скопје, така растеше и неговото влијание врз креирањето младински политики и процесите во општеството до учество во изработката на законите за волонтерство, младинска работа, млади и младински политики…

За жал, невладиниот сектор се уште не ја добива потребната поддршка од локалната и од централната власт. Постојат проектни идеи и законски решенија, но нема реализација. Како пример ќе го споменам Законот за млади каде лично бев дел од работната група каде е пропишано оти секоја општина е должна да отвори Младински центар со што и невладините организации би добиле простор каде ќе можат да работат со младите со тоа да допринесуваат за развојот на локалната заедница. Но, годината навршува, а ретко која општина ја започна својата задача. Да се надеваме оти надлежните набргу ќе ја сфатат важноста на младинскиот активизам“, напоменува директорот на ВЦС.

Годината што е пред испраќање го исправи општеството пред сериозни предизвици, погодени беа многу сектори и гранки, потклекнаа многумина. Но, ВЦС, благодарејќи на стекнатото искуство и реноме засега успешно се справува со последиците од кризата.

„’Ковид-19’ ни даде шанса да ги видиме работите наназад и стратешки да се организираме и ориентираме за уште поголема борба за вклученост на младите во политиките што ги засегаат, како и во работата со европските проекти. Конкретно во ВЦС, и во време на корона волонтерите доаѓаа и заминуваа, проектите не запреа, напротив, и во вакви услови успеавме да го привршиме КА3 проектот: ’European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum’, во кој по петмина млади од Македонија, Шпанија, Романија, Данска и од Кипар добија по 1.000 евра за да ја спроведат својата идеа за да го променат општеството во подобра заедница. Да се работи во ВЦС и да се биде дел од нашето семејство значи да се работи во тим кој времето го посветува на квалитетна работа со млади преку градење на нивните капацитети и доближување на европските програми кои се достапни за младите од Македонија“, заклучува Станкоски.

Горан Адамовски