Ете полека измина и првиот (може да го наречеме меден) месец од мојот волонтерски ангажман овде во Арад, Романија. И сега веќе време е за привикнување, соочување со предизвиците и учење. Прилагодувањето и предизвиците кои ги носи тоа се составен дел од секое ново искуство, особено кога одиш некаде во странство на подолго време и, всушност, тоа најмногу ме плашеше кога доаѓав тука, но, како што веќе спомнав и во претходната статија, ова за мене е сосема поинакво искуство во споредба со претходните. Овде сите живееме како семејство и без оглед колку е тешко некогаш – секогаш си помагаме и ги решаваме предизвиците.
Како еден предизвик би го навел тоа дека овде многу мал број луѓе зборуваат англиски јазик и, барем лично за мене, тоа е голем проблем во присподобувањето, но, секој од нас знае по нешто или има различни вештини за комуникација или преговарање. Како еден таков пример би го навел мојот минатонеделен случај кога ми се расипа телефонот и морав да го поправам или да купам нов, но замислете, да ја немав притоа помошта на еден од моите цимери, сигурно би платил 80 евра само за поправка на тој стар телефон, а вака, со помошта на мојот цимер, купив многу подобар телефон за одлична цена.
Предизвиците секогаш имало и ќе има, но, јас секогаш сакам да учам, а овде секогаш има кој да ме упати и да ми помогне, па затоа велам дека овој проект се разликува од многуте во кои имав учествувано. Многу луѓе што ме знаат од претходните проекти, а имаат прилика да слушнат за мојот престој во Романија – веројатно би се зачудиле колку долго сум издржал тука. Но, не би се чуделе кога би дознала за прекрасната поддржувачка околина.
Постојат кратки и долги проекти, како што постојат маратони, полумаратони или трки на 10 и 5 километри. Кога трчаш на пократка патека е во ред уште на стартот да дадеш се од себе. Но, кога трчаш маратон – тогаш, многумина ќе ти препорачаат: На почеток немој многу агресивно, чувај се за финишот, најважно е на целта да згазиш со најголема брзина. Така и сега, овој проект е долгорочен (9 и пол месеци) и нормален е почетниот шок при пристигнување. Бидејќи додека пристигнеш е се супер: Ееј , избран сум да одам на долгорочен проект, ќе бидам во странство 9,5 месеци, возбуда… но, кога ќе пристигнеш – шок. Девет и пол месеци далеку од дома, далеку од сите и од се, нови луѓе од различнини култури, погледи, карактери, треба да се привикнуваш на се: и на тоа што ти се допаѓа, како и на тоа што воопшто не ти се допаѓа. Исто како и на маратон. 42 км и 200 метри? Па, чувствувате умор, а не сте истрчале ниту два километри. Далеку е 42-риот километар… Но, потоа фаќаш темпо, телото се навикнува на напорот, километрите се намалуваат и трчаш побрзо и побрзо. Така и овде. А за тоа ќе се уверите во моите наредни статии – ви ветувам.
Мојата организација – домаќин соработува со повеќе организации кои генерално работат со деца. Нашите активности генерално вклучуваат играње, цртање, боење и рачни изработки, па да бидам искрен, често ми надоаѓа таа мисла: И што правам овде? Играм фудбал со децата. Добро, но, која е користа од тоа? Но, штом, дојдете во школото/центарот и ќе ги видите насмеаните и среќни лица на децата (уште посреќни кога ќе ве видат вас), па ќе се затрчаат и ќе ве гушнат – е тоа комплетно психички и духовно ве прочистува и веќе се чувствувате како нов човек.
Периодов се случија и други незаборавни работи. Успеав да го истрчам и мојот прв „семи“ маратон во Романија, конкретно во Темишвар, а, исто така, станав и волонтер во Црвениот крст на Арад. Позитивен културен шок е што филмовите во кино се бесплатни секој четврток и петок, па можам да кажам дека сум редовен посетител.
Во наредниот период очекувам да биде уште поубаво и поинтересно, уште многу убави моменти не очекуваат, но за тоа повеќе во наредните мои статии.
Даниел Шикоски