Во овие тешки времиња, кога прегратките ни станаа луксуз – срцата, сепак, ни се отворени. Волонтерски Центар Скопје го поддржа Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари со храна и со облека. Донации што беа дочекани со отворени раце и што им ги разубави деновите на многу деца.
Шарената внатрешност на центарот, обично полна со енергични деца, изгледаше толку тивка овој ден. Вообичаено пред пандемијата, училницата е простор каде децата ги извршуваат своите домашни задачи со помош на наставници и волонтери, учат нови работи, играат интерактивни игри, но, исто така, и каде што можат да јадат и да се тушираат. Сега, поради ситуацијата со која се соочуваме, во училницата можевме да видиме празни маси, соодветно оддалечени едни од други и со секогаш присутните средства за дезинфекција. Наставниците велат дека сè уште го одржуваат Центарот, секако, колку што дозволува ситуацијата со глобалната пандемија. Особено сега, повеќе од кога било, потребна е помош однадвор. На децата им треба храна и облека. Добредојден е и училишниот прибор. Покрај материјалните работи, на децата им треба и внимание и љубов, нешто што е лесно да се заборави во време на социјално дистанцирање.
Волонтерски Центар Скопје продолжува да им помага на ранливите категории, најмногу на децата со скромни донации. Во петокот го испративме нашиот тим да ја однесе помошта што ја собравме. Со затворени врати, но отворено срце, чекавме да се појават семејствата во ромската заедница и да ги подигнат неопходните средства. Тоа беше време на славење на Рамазан, па луѓето беа во посета на најблиските. Тоа беше и причината за празни работни маси во училницата – тоа беше денот без училиште и работа. По кратка дискусија помеѓу нашите волонтери и наставници од Центарот, првите деца започнаа да се појавуваат во друштво на нивните родители.
Непроценливо е да се видат лицата на оние кои имаат потреба од помош, дури и во форма на толку мали и едноставни работи како јогурт, млеко или кифла од пекара. Многу често не мора да направите многу за да помогнете некому. Можеби имате облека што не ја носите повеќе, но доволно добра за да биде подарена? Можеби можете да потрошите неколку денари за да купите пакет ориз или тестенини? Едно лице што донира само една работа е веќе голема работа, затоа што замислете бројот на такви луѓе да е десет, дваесет или сто. Една личност – една работа. Стотици луѓе – сто работи. Грижи се да донираш. Во време на затворени прегратки отворете го срцето.