„5-ти Декември“ е посебен ден за сите поединци и организации кои се занимаваат со доброволна работа – Меѓународен ден на волонтерството. Овој датум годинава беше посебен и за Здружението за волонтеризам Волонтерски Центар Скопје, бидејќи нашата организација го прослави својот 15 роденден.
Во денешно време, светот бара решенија како да функционира од далечина, па и ние се адаптиравме на новиот начин на живот, а сепак да го одбележиме овој важен ден. Токму затоа, минатата сабота организиравме виртуелна интерактивна „Зум-сесија“ на тема: „Влијанието и вредноста на волонтерството: од волонтери до лидери“. Сесијата беше отворена за сите заинтересирани, па на едно место и во исто време се собравме поранешни и сегашни волонтери, како и млади што се подготвени да волонтираат во иднина.
Нашата водителка, Неда Ахчиева, ја отвори сесијата со роденденски желби за ВЦС и му даде збор на нашиот директор, Никола Станкоски, кој сиве овие години го предводи Волонтерски Центар Скопје.
Состанокот беше многу интерактивен, заедно со учесниците решававме крстозбор на тема волонтирање. Следниот чекор беше интерактивна табла – активност на MURAL, дигитален работен простор. Учесниците ги запишуваа своите размислувања околу инспирацијата, придобивките, вредноста, влијанието и мотивацијата на волонтирањето.
„Волонтирањето ми даде чувство дека правам нешто што е навистина важно. Ми даде чувство на заедница, да бидам со други луѓе кои имаат исти идеали и исти идеи и кои прават нешто заедно“, рече Матис Гилбах, поранешен волонтер во ВЦС од Германија.
Различни аспекти нè инспирираат да волонтираме. Еден од нив е пронаоѓањето начини за развој.
„Научете нешто бесплатно“, порача младинскиот активист Ѓоко Грданоски. „Со волонтирање учиме различни видови на вештини, кои можат да бидат корисни во нашата иднина“.
Придобивките од волонтирањето се повеќекратни. Може да бидат многу забавни приказни за споделување и запознавање нови луѓе кои стануваат ваши пријатели, напомена Саша Шлутер, уште еден поранешен волонтер во ВЦС од Германија. Паулина Голебиовска од Полска, која, исто така, беше волонтер во ВЦС, ги спомна личното искуство и личниот развој и раст како личност.
Андреј Наумовски, сегашен координатор на проектите во ВЦС цитираше реплика од популарната серија „Пријатели“: – „Нема себично добро дело“, што значи дека преку волонтирање правиш корисни дела за другите, но и добиваш нешто за себе. Даваш – добиваш.
Која е вредноста на волонтирањето?
„Волонтерите внесуваат поинаков начин на размислување во организацијата, за да ја подобрат организацијата, проектот и заедницата“, – рече Камил Лабаје, ексволонтер во ВЦС од Франција. „Волонтерите носат свест, радост и инвестиции. Вие не сте волонтер за пари, вие сте волонтер за искуство, да научите. Да се донесе радост е една од главните работи, ќе инвестирате сами за да донесете радост и свесност “.
Размислувајќи за влијанието на волонтерството, заклучивме дека волонтерите служат за пример. Кога организираме акции за чистење и кога другите луѓе ќе не видат, тие може да престанат да фрлаат отпадоци. Волонтерите инспирираат и како што рече Неда Ахчиева: „Ентузијазмот и емпатијата се заразни. Ако луѓето видат дека правите нешто, можеби ќе сакаат да се придружат “.
Накратко, ова беше многу инспиративна сесија. Добивме длабок увид во работата и минатото на ВЦС. Второ, учесниците беа во можност да го кристализираат она што е суштината на волонтерството. Трето, и покрај тоа што некои од нив никогаш претходно не се сретнале, многу брзо стана јасно дека ја делиме истата искра што нè мотивира да ја поттикнеме солидарноста и дијалогот и на локално ниво и преку граници.
Која ќе биде вашата мотивација да се обидете во улога на волонтер? Во следната фаза од нашата „Зум-сесија“, можевме да слушнеме говори на некои волонтери кои беа испратени од Македонија на проектите во странство, како и волонтери кои дојдоа во Македонија од различни европски земји. Сите приказни беа инспиративни и укажуваа на една навистина важна работа во врска со нивното патување – што им донесе волонтерството и колку искуството им го менуваше животот. Ние како поединци, преку волонтирање, додаваме вредност на општеството.
Настанот беше добар повод да се соберат луѓе кои некогаш биле волонтери, но никогаш не го напуштија овој пат и сè уште се обидуваат да направат промена во општеството, да дадат нешто од себе, да влијаат и да шират радост.
„Постојат студии за тоа како волонтирањето ги прави луѓето поздрави, посреќни, ги тера да се чувствуваат дека имаат смисла и цел во животот“, заклучи Неда.