Не е секогаш лесно да се биде тинејџер. Тоа е период на откривање на самите себе, стекнување поголема независност, справување со очекувањата на другите и учење како да ги изразиме нашите потреби и чувства. Не секогаш е лесно да се најдат вистинските зборови. Понекогаш дури и не знаеме точно што чувствуваме. Токму затоа, креативноста, комуникацијата и отвореноста кон нови искуства можат да бидат моќни алатки за справување со предизвиците на овие години.
За време на младинската размена во рамките на програмата „Еразмус+ со наслов „Шумска сцена” (The Forest Stage), организирана од фондацијата „Sempre a Frente“ во Јанов Лубелски, Полска, од 21 до 29 јули 2026 година, учесници од различни средини се собраа за да ги истражат овие теми преку театар, импровизација, движење, вежби за комуникација и активности на отворено. Наместо само да зборуваме за комуникацијата и себеизразувањето, бевме охрабрени да ги искусиме овие теми преку активности што нè предизвикуваа да излеземе од нашата комфорна зона.
На почетокот, еден од нашите најголеми предизвици беше едноставно да се чувствуваме удобно со луѓето кои штотуку ги запознавме. Започнавме со креативни активности за кршење на мразот, меѓу кои и модната ревија, при што имавме подготвено транспаренти за поддршка на моделите пред да учествуваме во нашите сè покреативни настапи на модната писта. Она што изгледаше како едноставна игра брзо стана начин за градење самодоверба, поттикнување спонтаност и поврзување во рамки на групата.
Но, вистинскиот предизвик започна кога се запознавме со импровизацијата и глумата. За многумина од нас, ова беше сосема ново. Во една активност, ни беше дадено сценарио и само една минута за подготовка пред да го изведеме истото. Ограниченото време за подготовка беше застрашувачко, но тоа нè принуди да престанеме да се грижиме дали сè ќе направиме совршено. Моравме да веруваме во нашата креативност, да реагираме на неочекуваното и да се потпреме на другите од тимот.
Оваа идеја се развиваше преку танцување и вежби за телесен израз. Понекогаш работевме во парови, при што едниот водеше, а другиот следеше; во други ситуации, требаше да прикажеме одредено сценарио исклучиво преку движење. Овие активности ни покажаа дека за комуникација не се секогаш потребни зборови. Говорот на телото, движењето, изразите на лицето, па дури и тишината можат да пренесат емоции и намери.
Како што се чувствувавме сè послободни во изразувањето, почнавме да истражуваме еден важен аспект на комуникацијата: како јасно да ги изразиме нашите чувства и потреби. Една од највредните теми што ги истраживме беше ненасилната комуникација. Научивме да правиме разлика меѓу факти, чувства и потреби и да ги соопштуваме без веднаш да реагираме со лутина или збунетост. Преку практични примери и сценарија, научивме дека ефективната комуникација не се сведува само на зборување, туку бара и разбирање на самите себе и слушање на другите.
Покрај тоа, важен дел од проектот беше природата што нè опкружуваше. Ги истражувавме шумата и околината, учествувавме во активности на вода, учествувавме во игри со потрага по предмети, го посетивме железничкиот музеј на отворено и го разгледавме градот Јанов Лубелски. Едно особено смирувачко искуство беше сесијата за медитација на отворено, која ни овозможи да забавиме и да размислиме за нашите искуства и емоции во текот на проектот. Спојот на физички активности, креативно изразување, вежби за комуникација и време поминато во природа нè поттикна да размислуваме за поврзаноста меѓу нашите тела, емоции и мисли.
Како завршница на проектот, од нас беше побарано да напишеме песни и преку нив да ги изразиме нашите мисли и емоции. Подоцна, ги издвоивме заедничките идеи од поединечните песни и ги претворивме во подолга завршна претстава – тргнувајќи од одделни лични искуства и претворајќи ги во една колективна приказна. Секој од нас придонесе со нешто различно, но моравме да се слушаме, да правиме компромиси и да најдеме начин како да ги споиме нашите идеи.
Кога пристигнавме, импровизацијата и глумата беа непознати за многумина од нас. До крајот на проектот, тие станаа алатки за изразување, за комуникација со другите и за заедничка работа. “Тhe Forest Stage“ ни покажа дека учењето не мора секогаш да се одвива преку предавања или учебници. Понекогаш, најмногу учиме кога излегуваме од нашата зона на удобност, кога правиме грешки, кога им веруваме на другите луѓе и кога си дозволуваме да бидеме креативни.
Проектот ни понуди практични лекции за продлабочена комуникација, емпатија, потврдување на сопствените и туѓите чувства, како и за разбирање на нашите потреби и граници. Некои од овие лекции беа директно објаснети, додека други беа скриени во самите активности.
Најважно од сè, научивме дека отвореноста кон нови искуства може да ни помогне да откриеме аспекти од самите себе за кои не сме ни знаеле дека постојат.
Можеби пристигнавме како учесници од различни земји, култури и средини, но преку театарот, креативноста, комуникацијата и заедничките искуства, станавме кохерентна група.
Ана Марија Атанасовска
Проектен партнер: Fundacja Sempre a Frente
